На конкурсот за претседател и членови на Инспекцискиот совет ќе се изберат најстручните и најспособните кандидати

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија го распиша јавниот конкурс за избор на претседател и членови на Инспекцискиот совет. Со ова започнаа процедурите за реализација на оваа крупна и суштинска реформа, која е базирана на најдобрите светски практики во областа на инспекцискиот надзор, и која ќе води кон унапредување на квалитетот во областа, унапредување на условите за граѓаните и компаниите, и ефикасно и ефективно задоволување на општествениот интерес.

Инспекцискиот совет ќе биде централно тело во реализација на целокупната реформа, ќе воспостави стандарди за работа на инспекциските служби; ќе ги хармонизира постапките за вршење на инспекциски надзор и ќе ги регулира правата и обврските на инспекторите и на субјектите на надзорот; ќе ја регулира организацијата и раководењето на инспекциските служби преку следење на финансиското работење, кадровската и техничката екипираност, ќе воспостави стандарди за етичко и професионално однесување на инспекторите; ќе ги следи најновите светски трендови во областа на инспекциските постапки, ќе воспостави меѓународна соработка и ќе работи на усогласување на националната со европската легислатива од областа на инспекцискиот надзор.

Советот ќе има и две постојани работни тела, и тоа: Работно тело за утврдување на ефективноста, ефикасноста и квалитетот на инспекциските  служби, и Работно тело за образование, усовршување и обука, како и ад - хок  работни тела. Во нив ќе членуваат директорите и раководителите на инспекциските служби, но и истакнати претставници на научната и на стручната јавност, во зависност од делокругот на работа на работното тело. Советот за својата работа и за работата на инспекциските служби ќе ја известува Владата четири пати годишно и по потреба, но неговата работа ќе биде транспарентна и за јавноста, при што истиот ќе одржува јавна седница најмалку еднаш месечно и ќе расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица.

Заради сето ова што е претходно наведено, заради суштинската и значајна улога на главен носител на процесите за воспоставување на овој новопредвиден систем, се чини јасно дека претседателот и членовите на Инспекцискиот совет треба да бидат лица со високи знаења и вештини, со истакнати способности, со висок морален кредибилитет, со голем степен на етика, морал и интегритет и углед во јавноста, и апелираме лица со вакви карактеристики да се јават на конкурсот.

Јавниот конкурс е за избор на претседател и 6 членови на Инспекциски совет, од кои секој од членовите покрива определена област и тоа:

1. надзор на пазарот, работни односи и безбедност и здравје при работа;

2. животната средина и заштита на здравјето на луѓето;

3. градежништво, урбанизам, транспорт;

4. земјоделие, шумарство, ветеринарство и безбедност на храна;

5. образование, наука и култура;

6. управа и управни работи.

Кандидатите кои аплицираат за претседател и членови на Инспекцискиот совет треба да ги исполнуваат следните критериуми:

-да се државјани на Република Македонија (доказ државјанство)

- за апликација за претседател да имаат стекнати најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на правните или економските науки и да има најмалку шест години работен стаж во струката по дипломирање (доказ диплома и потврда за работен стаж)

-за апликација за членови да имаат стекнати најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работен стаж по дипломирањето во соодветната област за која се аплицира (доказ диплома и потврда за работен стаж)

-активно да го познаваат англискиот јазик (доказ меѓународен признат сертификат, ТОЕФЕЛ, ИЕЛТС, ИЛЕЦ, ФЦЕ...)

-користи компјутерски програми за канцелариско работење (доказ меѓународен признат сертификат, CERTIPORT, MICROSOFT, ECDL..)

-соодветен е за раководно работно место (доказ положен тест за интегритет).

Државјанството, дипломата и потврдата за работен стаж, кандидатот треба да ги достави заедно со апликацијата најдоцна до 20.11.2013 година, по пошта или до архива на Владата. Потоа ќе следи разгледување на поднесоците, и обавување на интервју по потреба, и потоа најдобрите кандидати за претседател и членовите на Инспекцискиот совет се избираат за вршители на должност за период од 3 месеци. Во тој период избраните вршители на должноста се должни да ги достават меѓународно признатиот сертификат за познавање на англиски јазик, за познавање на компјутери и тестот за интегритет, а по доставата на овие три документи тие конечно се избираат за претседател и членови на Инспекцискиот совет со мандат од три години со право на уште еден повторен избор. Доколку не ги достават овие документи се разрешуваат од позицијата вршители на должноста.

На овој оглас не може да аплицираат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија.

Уште еднаш потенцираме дека целта на овој јавен конкурс е да се допре до најдобрите кандидати, оние со најмногу знаење и вештини, со висок степен на образование и искуство, со етика и интегритет, со углед во јавноста. Масовноста овде не е приоритет, туку приоритет се квалитетот, способностите на кандидатот и неговите карактеристики, тоа се елементите кои ќе се вреднуваат и ценат.

Веруваме дека со оваа реформа значително ќе се унапреди квалитетот во оваа област, и тоа ќе е од интерес и за граѓаните и за компаниите и за државата.