Груевски: Индустрискиот раст покажува дека реформите даваат резултати

Растот на индустриското производство од 5,1 отсто во септември, споредено со истиот месец лани, покажува дека Македонија оди во добар правец и реформите даваат позитивни резултати, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање по поставување камен темелник за изградба на ПЕТ Центар во Скопје,  Груевски потсети дека од март секој месец има раст на индустриското производство.

- Иако во ЕУ се уште не е надмината европската должничка криза и последиците коишто доаѓаат од таа криза, се чини Македонија влегува во една подобра фаза и е влезена веќе во една подобра фаза што дава надеж дека заедно со движењето на европската економија во еден добар правец, а таму веќе има предвидувања дека работите ќе одат кон подобро во следната година, дека и следната година ќе имаме добар раст на економијата и на индустриското производство, изјави Груевски.

Позитивен сигнал, според него, е и зголемениот бројот работници во индустријата за 1,3 отсто во септември споредено со септември минатата година и тоа е показател, кој укажува еден добар тренд.

- Првите два квартала завршија позитивно и тоа со четврт најголем раст во Европа, првиот и вториот заедно се некаде во просек околу 3,3 отсто раст што во овие е четврт најголем раст во Европа. Овие резултати во индустриското производство може да се сметаат за еден добар тренд, што дава добри перспективи за македонската економија и им дава сигнал и на инвеститорите и на нашите стопанственици дека е време, ако имале некои добри развојни планови да почнат да ги реализираат, нагласи Груевски.