Груевски: Добар интерес за економски промотори, целта не е масовност туку квалитет

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека интересот на огласот за економски промотори е добар, но оти целта на Владата не е масовност туку да се постигне квалитет и да бидат избрани најдобрите. 

- Mинатата пролет објавивме конкурс за инвестициони промотори, економски промотори. Тоа беше еден поголем број, нешто повеќе од половина од промоторите, а сега за останатите за кои тогаш не беше објавено, им завршуваат мандатите во декември оваа година и за сите тие места се објави конкурс за кој можам да кажам дека постои добар интерес, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Нашата цел, посочи премиерот, не е да постигнеме масовност во оваа ситуација, нашата цел е да постигнеме квалитет, да ги привлечеме најдобрите, да ги привлечеме оние коишто се стручни и кои знаат да продадат добар производ.

- Македонија има создадено добра понуда или со еден друг вокабулар да речам добар производ кој го нуди на пазарот и ни требаат луѓе кои знаат тоа да го продадат. Значи ни требаат профил на луѓе кои се т.н. профил на продавачи, кои добро знаат да испрезентираат она што го нудиме и кои се стручни за тоа, стручни за добри презентации кои се генерално добро стручни во делот на економија и инвестиции и нормално одлично да ги познаваат јазиците во земјите каде што треба да не претставуваат, рече Груевски по поставувањето камен-темелник за изградба на Центар за позитронска емисиона томографија - ПЕТ-Центар во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје.

Потенцира дека станува збор за економски промотори во девет земји во различни градови, како што се Њујорк, Чикаго, Мајами, Пекинг, Куала Лумпур и неколку други.

- Се работи за предизвик за многу луѓе кои имаат високи компетенции да се вклучат да и помогнат на државата, да се привлечат крупни инвеститори зашто земјата има создадени добри услови, меѓутоа тие треба да се презентираат. Ние сме мала земја и не сме како некои огромни држави за кои секојдневно нешто се пишува, говори и се прераскажува. Малите држави имаат обврска она што го нудат многу подиректно и по други канали и начини да го презентираат пред потенцијалните инвеститори за да ги привлечат да отворат нови работни места тука во Македонија, додаде премиерот Никола Груевски.