Груевски: Санкции за сите кај кои ќе се утврди вина за случајот со „Детска радост“

Премиерот Никола Груевски најави санкции за сите за кои ќе се утврди вина за случајот во градинката „Детска радост“, каде што пред неколку дена 13 деца имаа симпотми на труење, од кои, кај три е утврдено присуство на бактеријата салмонела.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера поднесе кривична пријава против градинката „Детска радост“, а на владина седница е одлучено да се направи вонредна инспекција во сите детски градинки која ќе ја извршат Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Во секоја слична ситуација санкции треба да има таму каде што ќе се утврди конкретна вина. Значи, каде што ќе се најде конкретна вина ќе има санкции, нагласи Груевски.

Тој истакна дека кривични пријави се поднесени и за одговорните во случајот со труење со салмонела во градинка во Кисела Вода.