Почнува изградбата на првиот ПЕТ-Центар

Камен-темелник за изградба на Центар за позитронска емисиона томографија - ПЕТ-Центар е поставен денеска во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје. ПЕТ-Центарот е инвестиција вредна околу 380 милиони денари, а ќе го гради австриската компанија „Штрабаг АГ“. Се очекува во 2015 година ПЕТ-Центарот веќе активно да функционира и да ги даде своите први услуги на граѓаните.

Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред присутните рече дека Република Македонија во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија почнува со градба Центар за позитронска емисиона томографија кој, како што истакна, ќе отвори ново поглавје во медицинската дијагностика во државата.

- Ова е проект кој чини севкупно над 12 милиони евра, половина во опрема, половина во градба и претставува приближно околу 12 отсто од сите оние 100 милиони евра кои ги инвестираме во здравството во последните некоку години. Значи, практично од тој голем проект за инвестиција од 100 милиони евра, ова е најголемото парче гледано во пари-повеќе од 12 милиони евра инвестиција, еден од најсовремените и најкрупните чекори што ги прави Република Македонија, потенцира премиерот Груевски.

Позитронската емисиона томографија, посочи тој, претставува последен дострел на медицинската наука во обидот да се добие што попрецизно прикажување на функционалните промени во ткивата на човекот, како основа за навремено откривање на многу болести, давање прецизна дијагноза, ефикасна терапија и следење на болните.

- Оваа метода спаѓа во рангот на најсовремени техники за борбата против ракот, како една од најчестите и најтешките болести со голема смртност како во Македонија, така и во светот. Позитронската емисиона томографија освен во борбата против малигните заболувања, се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата, неврологијата, а во поново време и во детската патологија, истакна Груевски.

Укажа дека во ПЕТ-Центарот ќе биде вградена најсовремена опрема каква што ретко се наоѓа во јавните здравствени установи на Балканот и во Југоисточна Европа.

- Тука ќе се произведуваат и материјали кои се користат за дијагностицирање и уништување на малигните заболувања, познати како радиоактивни изотопи. Со тоа ќе обезбедиме поквалитетна медицинска грижа за нашите пациенти, кои нема да мораат да патуваат во странство за овој тип услуги, туку ќе ги добијат тука во Македонија со многу пониски трошоци. Со нивното производство во овој ПЕТ-Центар ќе се создадат услови за снабдување и на други центри со овие производи, што овозможува Република Македонија да стане регионален центар за производство на вакви фармацевтици, рече Груевски.

Тој нагласи дека паралелно со изградбата на Центарот ќе се врши и едукација на комплетен медицински и инженерски кадар од Македонија во медицинските центри низ Европа каде веќе постои примена на Позитронска емисиона томографија.

- Инвестицијата во опрема и апарати за овој ПЕТ-Центар е во рамки на големиот проект на Владата за опремување на македонските здравствени установи со најнова медицинска опрема во вредност од околу 100 милиони евра. Како Влада сме силно посветени да обезбедиме обуки на што повеќе лекари и медицински персонал од Македонија во голем број познати медицински центри во светот и да обезбедиме што можеме повеќе еминентни стручни лица од странство да дојдат во Македонија и извесен период да работат со нашите здравствени работници со цел да се пренесе знаење, искуство и нови методологии, рече премиерот Груевски.

Тој го спомена и проектот за изградба на нови болници и реконструкција на веќе постоечките за што се издвоени околу 100 милиони евра.

- Со вака крупни и значајни проекти какви што немало никогаш во поновата историја на Македонија, македонското здравство прави големи чекори напред, додаде премиерот Никола Груевски.

Министерот за здравство Никола Тодоров во обраќањето пред присутните рече дека со градбата на ПЕТ-Центарот, која почнува на одбележувањето на 110-годишнината од добивањето Нобелова награда за физика на полско-францускиот физичар и хемичар Марија Склодовска Кири во 1903 година.

Во онкологијата и хематологијата, посочи министерот, ПЕТ се користи за дијагноза и следење на терапевтскиот третман, во кардиологијата за скенирање на коронарните артеријални заболувања, потенцијални кандидати за трансплантација, во неврологијата, педијатријата, за локализација на инфекции од непознати причинители.

- Можноста да се работи со изотопи кои се распаѓаат не само за 109 минути, туку и оние со 20 и 10 минути овозможуваат помало озрачување на пациентите, побрза дијагностичка постапка, повисока специфичност за приказ на болното и оштетено ткиво и речиси никаков радиоактивен остаток и минимален импакт која таа го има на животната средина. Оправданоста и исплатливоста на ПЕТ-Центарот ќе се види многу брзо. Само едно вакво снимање во европските и соседните земји чини над 1.000 евра, без дополнителните трошоци за пат, престој, лекарски консулатации. Наскоро нашите пациенти тоа ќе можат да го сторат дома, со многу пониска цена, рече Тодоров.

Истакна дека кадарот кој ќе работи во ПЕТ-Центарот ќе биде составен од стручни лица од областа на нуклеарната медицина, физиката и фармацијата кои со дополнителна обука ќе бидат оспособени на високо ниво да се носат со одговорноста и стручноста што овој тип активност ќе ја бара од нив.

- Изградбата на ПЕТ-Центарот претставува уште еден показател на стремежот да се има квалитетен и препознатлив здравствен систем, додаде министерот Тодоров.

Националниот координатор на проектот за имплементација на ПЕТ-Центарот во Македонија, проф. Емилија Јаневиќ Ивановска рече дека на 8 ноември 2005 година за време на состанок во Агенцијата за атомска енергија во Виена во разговорот со тогашниот директор на Одделот за нуклеарна медицина, Маурицио Донди почнале да работат на идејата дека Македонија треба да стане регионален ПЕТ-Центар.

- Во 2007 година Владата ја поддржа таа идеја и проектот го направи од национален интерес и преку Министерството за здравство почна неговата имплементација...Идејата за ПЕТ-Центарот преку проект да стане реалност е заслуга на сите кои веруваат, но и оние кои не веруваа бидејќи и едните и другите помогнаа да се види вистинската потреба, а и веројатно се и причина сите ние денеска да бидеме тука, додаде Јаневиќ Ивановска.