Вицепремиерот Пешевски се сретна со шпанскиот амбасадор Де Галаинена

Можностите за подобрување на меѓусебните економски и политички односи беа тема на разговор на денешната средба во Скопје на вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски со амбасадорот на Кралството Шпанија, Фернандо де Галаинена и Мариа Перез Моро, советник за економија и трговија.

За време на средбата, информираат од Кабинетот на вицепремиерот, двете страни искажаа особен интерес за темата на која дискутираа, а вицепремиерот Пешевски ги претстави поволните економски услови кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори.

Беа презентирани предностите за инвестирање кои се нудат во технолошко - индустриските развојни зони, како и мерките и активностите кои Владата ги презема за севкупно подобрување на бизнис климата во Република Македонија. Вицепремиерот Пешевски, исто така, изрази желба за натамошно унапредување на економските односи со Кралството Шпанија.

Двете страни, согледувајќи ја моменталната состојба на трговската размена помеѓу двете земји, едногласно се согласија дека постои простор за напредок и зацврстување на соработката.

На средбата се разговараше и за значајноста на поддршката од страна на Шпанија за реализацијата на стратешките определби на Република Македонија за полноправно членство во Европската унија и во НАТО.