Џафери-Пејановиќ-Ѓуришиќ: Македонија и Црна Гора имаат одлична соработка во одбраната

Република Македонија и Република Црна Гора имаат одлична соработка во одбраната и безбедноста, која е од корист за двете земји, но и за регионот во целина, заклучиле министрите за одбрана Талат Џафери и Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ на денешната средба во Црна Гора.

Министерката Пејановиќ-Ѓуришиќ на средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, изрази подготвеност за споделување искуства во однос на обуката за нуркање, како и подготвеност за соработка и споделување научени лекции помеѓу двете школи за обука на пилоти.

- Во рамки на разговорите со високите претставници на Црна Гора, министерот Џафери истакна дека Република Македонија целосно ја поддржува Црна Гора на нејзиниот пат за евроатлантска интеграција. Ние сме отворени за секаква помош во контекст на реформските зафати и на процесите за трансформација како на ниво на министерство, така и на ниво на генералштаб, се вели соопштението од МО.

Успешната соработка помеѓу двете балкански земји, се додава,  може да се увиди и во областа на воената едукација, односно преку фактот дека на Воената академија во Скопје во континуитет се школуваат питомци за потребите на Војската на Црна Гора, како и школувањето на припадници на АРМ во Центарот за обука на пилоти на хеликоптери во Црна Гора.

На средбите било посочено дека сите земји мора да работат и на регионалната соработка која претставува носечки елемент на развојот на овој дел од Европа. Во тој контекст, министерот Џафери изразил подготвеност и даде отворена понуда за користење на регионалните центри во Република Македонија, како армискиот полигон „Криволак“, Регионалниот центар за односи со јавноста за кој беше пројавен голем интерес, како и Воено-медицинскиот центар.

Од аспект на учеството во меѓународни мировни мисии, соговорниците изразиле задоволство од заедничкиот придонес во Школото за воена полиција во Авганистан и воедно укажале дека постои подготвеност за заедничко учество во новата мисија на Алијансата за менторирање и обука, „Одлучна поддршка“, согласно потребите на Алијансата и капацитетите на земјите.