Почнува третата фаза од санацијата на мостовите на Коридорот 10

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска го означи стартот на третата фаза од проектот „Санација и зајакнување на мостови на Коридор 10“.

Министерот истакна дека имплементацијата на проектот за зајакнување и санација на мостовите претставува завршница на овој исклучително успешен проект во кој во изминатите две фази беа реконструирани 51 мостовска конструкција со вкупна должина од 4.090 метри и со инвестиција од 22,5 милиони евра.

- Во следниот период ќе бидат подобрени 13 мостовски конструкции по трасата на делницата Велес – Катланово од Коридорот 10 во вредност од околу 8,6 милиони евра. Активностите од оваа фаза ќе завршат најдоцна до септември 2015 година, рече Јанакиески.

Според него, овој проект е посебно значен ако се има предвид фактот дека мостовите градени по старите стандарди во шеесетите години од минатиот век по санацијата ќе бидат гарант за безбедноста на македонските патници и превозници.

Тој им се заблагодари на службите на НАТО за одвоените средства за реализација на овој значаен проект и за нивната поддршка на Македонија да ги оствари своите стратешки цели и приоритети.

Претставникот на НАТО Командантот на силите на КФОР  во Косово италијанскиот генерал Салваторе Фарина  истакна дека овој проект е од многу големо значење за НАТО и затоа решиле да ги надградат и поправат патиштата и мостовите долж главната транспортна рута за снабдување, од пристаништето во Солун до граничниот премин Блаце на границата со Косово со цел да се поддржат операциите на КФОР на Балканот.

- За мултинационалните сили на Косово, составени од претставници на  над 30 различни земји, стана неопходно да постои транспортна рута да може безбедно да го носи волуменот и обемот на возила. Како што знаете, фазите еден и два се завршени, а третата фаза ќе трае до јуни 2015 година. Овој проект за поправка на патиштата е извонреден пример на мотото на КФОР „Повеќе заедно“, истакна генерал Фарина.

Посочи дека во првите две фази од 2005 до 2009 година од Блаце до Велес, НАТО реновирале 29 мостови. Во втората фаза од Неготино до Гевгелија реновирани се 20 мостови каде  се зајакнати конструкциите на мостовите и е овозможена носивост во согласност со НАТО стандардите.

Мнистерот Јанакиески потсети дека Владата на Македонија во моментот ја реализира  изградбата на новиот автопат на потегот Демир Капија - Смоквица, долж меѓународниот Коридор 10 со должина од 28 километри во вредност од околу 220 милиони евра и дека во тек е повикот за ангажирање компанија која ќе го рехабилитира  автопатот на делницата Велес-Катланово во должина од 23,5 километри.