Адеми: Поволните метеролошки услови го подобрија квалитетот на воздухот во Скопје

Метеоролошките услови во скопскиот регион денеска се поповолни и квалитетот на воздухот се подобри, рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашните измерени многу високи концентрации на загаденост на воздухот во Скопје.

Според мерењата на Министерството за животна средина, високо ниво денеска има во Карпош, а средно ниво во Лисиче и Центар.

-  Неколку дена мерните станици покажаа полош квалитет на воздухот. Скопје и како местоположба и метеоролошките услови имаат директно влијание за квалитетот на воздухот. Освен сообраќајот и индустријата големо влијание има и грејната сезона, пред се топлификацијата и квалитетот на горивото кое се користи за греење, рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на состанокот за изработка Национален акциски план за заштита на земјиштето.

Тој најави дека ресорното Министерство во соработка со Градот Скопје ќе преземат краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за намалување на загаденоста во главниот град.

Краткорочно, според Адеми, заедно со Град Скопје и со населението ќе работат околу преземање конкретни мерки, граѓаните повеќе да користат јавен сообраќај, градежната механизација да биде повнимателна, а ќе преземат и други мерки, кои зависат пред се од метеоролошките услови.

Мерните станици на МЖСПП изминатите неколку дена покажаа полош квалитет на воздухот, односно загадувањето беше над дозволеното.

Надлежните информираат дека се преземаат мерки доколку пет дена по ред добијат информации за зголемен индекс на загаденост во воздухот.