Премиерот Груевски се сретна со европратеничката Дорис Пак

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 01.11.2013 година) оствари средба со пратеникот во Европскиот Парламент, г-ѓа Дорис Пак.

На средбата соговорниците разговараа за евроинтегративните процеси на државата, како и различните аспекти поврзани со нив. Стана збор и за чекорите кои се преземаат од страна на Владата за забрзување на тие процеси преку повеќе реформи, мерки и активности чија цел е придвижување и целосно интегрирање на државата во Европската Унија.

Соговорниците се осврнаа и на различните детали од новиот позитивен европски извештај со кој Република Македонија доби петта по ред препорака за отпочнување на преговори со Европската Комисија за членство на државата во Европската Унија. Беше оценето дека извештајот на Европската Комисија дава основа за напредок во интеграциските процеси и би требало да се валоризира со позитивно изјаснување на Европскиот Совет.

Премиерот Груевски изрази благодарност до пратеничката Пак за нејзиниот сестран ангажман и поддршка која таа ја дава на интеграциските процеси на државата, како и за улогата на Европскиот Парламент во исполнувањето на стратешките цели на земјава. Тој потенцираше дека Владата темелно ќе ги согледа сите препораки на Европската Комисија и ќе изработи акциски план кој ќе се спроведува во текот на наредните 12 месеци.

Европратеничката Пак даде поддршка на реформите кои се спроведуваат во нашата земја за достигнување на европските стандарди. Таа оцени дека позитивниот извештај на Европската Комисија овозможува Европскиот Совет да донесе позитивна одлука.

Беше разговарано и за активностите во врска со надминување на отвореното прашање со нашиот јужен сосед, кое го попречува нашиот напредок, при што беше акцентирана нашата заложба и посветеност за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.     

Соговорниците изразија надеж дека ќе продолжи добрата соработка со Европскиот Парламент која се одвива на повеќе нивоа, а која преставува значаен елемент во пристапните процеси на државата.