Ристоски потпиша декларација за соработка и иновации во Западен Балкан

Деклaрација за усвојување регионална истражувачка развојна стратегија за иновации во Западен Балкан потпишаа денеска ресорните министри од седум држави од регионот во рамки на министерската конференција што се одржува во Загреб.

Со потпишувањето на Декларацијата од страна на македонскиот министер за образование и наука Спиро Ристовски, Македонија се приклучи кон иницијативата за зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот.

- Станува збор за исклучително значаен документ, стратегија што предвидува бројни иницијативи и активности за размена на идеи и искуства со цел унапредување на соработката меѓу земјите од регионот и поголeми вложувања во науката и иновациите. Финансиски таа предвидува буџет од 200 милиони евра, средства што ќе бидат обезбедени преку ИПА фондовите на ЕУ и секако од донаторите, изјави за МИА министерот Ристовски.

Во  обраќањето на министерската конференција  Ристовски го потврди генералниот став на македонската Влада дека вложувањето во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат секогаш кога се може.

Истовремено, наведе Ристовски, истакнати се сериозните заложби на Владата на Република Македонија во овој дел,  односно стратегијата за иновации, формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и перспективите односно очекувањата на државата за натамошен развој на иновациската дејност.

Министерска конференција за регионална истражувачко-развојна политика за иновации на земјите од Западен Балкан во Загреб се одржува во организација на Министерството за наука, образование и спорт на Република Хрватска со поддршка на Светската банка, Европската комисија и Регионалниот совет за соработка.