Во Македонија елиминирани 99 отсто од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и раководителот на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка Марин Кочов, од 21 до 25 октомври учествуваат на 25. Состанок на членките на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, што се одржува во Банкок, Тајланд.

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека Адеми на состанокот истакнал дека Република Македонија успеа да оствари елиминација на 99% од супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка преку имплементација на конкретни инвестициони проекти, додавајќи дека Канцеларијата за заштита на озонската обвивка придава големо значење на регионалната соработка во оваа област.

Македонија е прва земја која го разви Планот за справување со ХЦФЦ соединенијата кој е произлезен од докажаниот модел за имплементација на Монтреалскиот протокол. Во документот се приложени јасни и концизни насоки за делување во правец на справување со предизвиците при постапката за елиминација на ХЦФЦ соединенијата во земјата.

Една од главните теми на пленарните седници во Банкок беа амандманите за вклучување на ХЦФЦ соединенијата во надлежност на Монтреалскиот протокол, кои добија поддршка од повеќето земји.

Република Македонија пред 10 години беше иницијатор за формирање, а воедно и домаќин на основачкиот состанок на Регионалната мрежа за озон за Источна Европа и Централна Азија, која денес вклучува 12 земји во развој од Балканот, Централна Азија и Кавказкиот регион. И оваа година, Состанокот, со кој се одбележа 10-годишнината од создавањето на Мрежата за соработка меѓу земјите потписнички на Монтреалскиот Протокол, исто така се одржа во Македонија.

По тој повод, а во рамките на министерскиот сегмент, министерот Адеми ја промовираше публикацијата (брошура) на УНЕП издадена по повод десет годишнината од формирањето на Регионалната мрежа која има за цел, со земјите во и надвор од регионот на Источна Европа и Централна Азија да се споделат најзначајните достигнувања, најдобрите практики и клучните приоритети на Мрежата

Во текот на оваа декада македонската Канцеларијата за заштита на озонската обвивка континуирано обезбедува поддршка за многу земји во процесот на имплементација на преземените обврски од Монтреалскиот протокол, а е подготвена и понатаму да го споделува своето искуство во таа област, соопшти Министерот за животна средина и просторно планирање.