Ставрески: Во ноември нова евтина кредитна линија од ЕИБ

Македонија во ноември од Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе добие нова евтина кредитна линија во износ од 100 милиони евра, наменета за мали и средни претпријатија, најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Според вицепремиерот, Бордот на ЕИБ  утре треба да одлучи за новиот заем за Македонија, а парите треба да легнат на сметката на Македонската банка за поддршка на развојот во ноември и веднаш да станат оперативни за фирмите.

- Утре на Бордот на ЕИБ ќе биде проектот за Република Македонија. Верувам дека ќе биде одобрен по што следи донесувањето на законот и потоа тие средства ќе станат ефективни односно ќе можат да ги користат нашите компании. Верувам дека некаде до крајот на ноември ќе бидат на располагање на македонските компании, изјави вицепремиерот Ставрески при работната посета на Дојран.

Ги повика сите мали и средни претпријатија да ги искористат овие средства, бидејќи, како што кажа, се со каматна ставка што е субвенционирана од Буџетот.

- Каматата е 5,5 проценти за крајните корисници. Таа е најдобрата камата што во моментов може да се најде на домашниот пазар, рече  Ставрески.

Досега од ЕИБ се искористени 250 милиони евра со кои се поддржани близу 800 компании и отворени се над 3.500 работни места. Од последната транша од 100 милиони евра останати се да се доискористат уште 20 милиони.