Средба на вицепремиерот Пешевски со амбасадорката Оер и специјалниот претставник Ришар

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски денеска во Владата имаше работна средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Франција во Македонија, Лоранс Оер и со Ален Ришар, специјален претставник на Министерството за надворешни работи на Француската Република, надлежен за Западен Балкан.

За време на средбата, инфомрираат од Кабинетот на вицепремиерот, се дискутираа взаемните економски и политички односи меѓу двете држави за што двете страни искажаа особено задоволство од досегашната политичка и економска билатерална соработка.

Воедно, на средбата беа претставени поволните економски услови кои ги нуди Република Македонија за странските инвеститори, беа презентирани предностите за инвестирање кои се нудат во технолошко - индустриските развојни зони, како и мерките и активностите кои Владата ги презема за одржување на макроекономската стабилност и подобрување на условите за водење на бизнис.

Соговорниците ги потврдија можностите за идно продлабочување на меѓусебната соработка, особено во секторите на автомобилската индустрија, информатичко - комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, фармацевтска индустрија, медицински помагала и услужниот сектор.

Оваа година се одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу државите, а Француската Република останува еден од позначајните економско - трговски и политички партнери за Република Македонија. Францускиот Претседател, Франсоа Олан, оваа година назначи специјален претставник за Балканот, а тоа е Ален Ришар кој ќе биде задолжен за подобрување на економските односите со државите од Западен Балкан.

Во насока на запознавање со економските услови и предности, денес, во Француската резиденција ќе се реализира и Француско- македонскиот бизнис форум на тема: „Економска дипломатија во служба на француските и македонските претпријатија“ на кој што пред француските и македонските стопанственици свое обраќање ќе има вицепремиерот Пешевски и француската амбасадорка Оер.