Груевски: Економијата главна тема на Самитот на ЕПП, ја поздравувам изјавата на Борисов

Во средновековниот замок „Бушу“ во малото градче Мејзе крај Брисел, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска учествуваше на Самитот на Европските народни партии (ЕПП), јавува дописникот на МИА од Брисел.

Премиерот Груевски, кој е редовен на Самитите на најбројната партија во Европскиот парламент, со оглед на тоа што неговата партија ВМРО-ДПМНЕ е членка на ЕПП, заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, европската лидерска двојка Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Барозо, како и со грчкиот премиер Андонис Самарас, шпанскиот Маријано Рахој, Жан-Клод Јункер (Луксембург) и други европски лидери чии политички партии се дел од демохристијанската партија дискутираа за иднината на Европа.

На редовниот Самит на ЕПП што се одржува неколку часа пред Самитот на Европскиот совет, каде главна тема е дигиталната економија, иновациите, но и социјалната политика и Економската и Монетарна Унија, шефовите на државите и Влади членки на Европските народни партии го договорија ставот што ќе го застапуваат на Советот.

- Имаше долги дискусии за различни прашања, но доминираше дискусијата за економијата. Впечаток и залучок е дека економијата е подобрена но Унијата, како што спомена претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, сепак не може да се каже дека дека ЕУ е целосно излезена од кризата. Се говореше и за понатамошните мерки што би требало да се превземат, за прашањето поврзано со банкарската унија, со заедничкиот пазар на телекомуникации, за иновациите и за заштита на личните податоци, изјави премиерот Груевски за МИА.

Според првиот човек на македонската Влада, на денешнио Самит на ЕПП се споменале и други прашања, како за невработеноста кај младите и заклучокот бил дека тоа треба да биде континуирано прашање, т.е. да има континуирана заложба за истото, па дека се врши притисок кон повеќе земји-членки на Унијата да изнајдат начин за поддршка на малите и средните претпријатија.

- Она што исто така беше споменато беа изборите што следуваат во Европската унија. Беше отворено тоа прашање, но не во некоја голема мера оти за тоа ЕПП ќе има специјален Самит во ноември. Но, ова беше добра можност и да се направат многу лични контакти, за неформални средби со повеќе од присутните и јас ја искористив истата за да разговарам со нив за прашања главно поврзани со Македонија, вклучително и нашиот главен проблем а тоа е блокадата што овие пет години ја имаме за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, додаде Груевски.

Според премиерот на Владата на Република Македонија, ваквите прилики се важни за неформални средби и разговори со голем број на премиери и политички лидери.

На прашањето да ја коментира изјавата на екс-бугарскиот премиер Бојко Борисов, дадена за МИА пред почетокот на Самитот дека Бугарија не треба повеќе да ја блокира Македонија во евроинтеграциите, Груевски рече дека не ја чул изјавата, но ја поздрави. 

- Не је слушнав таа изјава, но со него се сретнав неформално и на кратко ми спомена дека дал изјава во таков правец и тоа е изјава што навистина треба да се поздрави, рече македонскиот шеф на Владата.

Според информациите од ЕПП, тема на денешниот Самит бил буџетот за следната година, но и за финансиската состојба на ЕУ во наредните седум години оти во моментов, Европската комисија има кусок од 2,7 милијарди евра.

Македонскиот премиер Никола Груевски продолжува со работната посета на Брисел и утре во 12:15 часот тој ќе има билатерална средба и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во зградата „Берлемонт“ со кого главна тема на дискусија ќе биде прогрес-извештајот за Република Македонија, односно наодите и препораките од истиот и предизвиците што не очекуваат, односно што да стори Македонија, а што Еврокомисијата во продолжувањето на поддршката на Македонија на нејзиниот европски пат.