Годишна средба на здруженијата на граѓани кои работат на полето на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска во Дојран присуствуваше на 10-та годишната средба со здруженијата на граѓани кои работат на полето на животната средина и одржливиот развој во Република Македонија.

Цел  на тридневната средба е промоција на Зелената агенда како модел за донесување на локалните стратегии за климатски промени во општините во Македонија, како и развојот на координативното тело за соработка помеѓу граѓанските организации и МЖСПП.

- Партнерството и добрата соработка меѓу МЖСПП и граѓанските организации кои делуваат на полето на животната средина континуирано претрпуваат промени во нагора линија во правец на афирмирање на принципите на добро владеење, на партиципативна демократија и на заеднички иницијативи и размена на идеи преку креирање на механизми за унапредување на дијалогот, истакна министерот Адеми во обраќањето на средбата. 

Тој го потенцира значењето на формирањето на координативно тело за дијалог составено од претставници од невладиниот сектор и од Министерството, претставник на делегацијата на ЕУ и независни експерти од одредени области, и изрази задоволство што телото не остана само договор на хартија, туку и навистина профункционира.

Координативното тело, по барање од Министерството, номинираше претставници од граѓанскиот сектор за Форумот за води. Исто така, беше побарана и номинација на членови на Советите на сливот на реката Вардар и на сливот на реката Брегалница.

Годишната средба ја организира Македонскиот зелен центар преку Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, кој во Македонија се спроведува од страна на Милиеуконтакт Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.