Груевски: Намалувањето на цените на лековите заштеда за граѓаните

Одлуките за намалување на цените на лековите ќе овозможат тие да станат подостапни за сите, но и ќе им овозможат големи заштеди на граѓаните, смета премиерот Никола Груевски.

- Последното намалување на цените на лековите е четврто по ред во последните две години. Само со ова намалување на цената на лековите ќе има заштеда од страна на граѓаните за 7.400.000 евра годишно, што значи годишно ќе плаќаат 7,4 милиони евра помалку. Станува збор за намалување на цените на 752 лека. Инаку во овие две години со четирите намалувања на цените на лековите, заштедата што ќе ја прават граѓаните во една година изнесува 30 милиони евра годишно. Тоа значи дека 30 милиони евра годишно ќе останат кај граѓаните наместо да отидат кај трговците на лекови само заради овие четири намалувања што ги направивме во овие две години, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Тоа, рече премиерот Груевски, се покажува како исправна политика од повеќе причини.

 - П прво, очигледно е дека претходно маржите биле превисоки и второ ќе им овозможи на многу луѓе кои што неможеле да издвојат средства за лекови сега ќе може да го направат тоа. Лековите стануваат многу поевтини, многу подостапни за оние на кои што им се потребни, истакна македонскиот премиер.

Тој додаде дека ова е континуирана политика на Владата и како што истакна, континуирана грижа за оние кои што се  болни од различни болести и на кои им требаат тие лекови.

Ова, потенцира тој, е дел од нашите ветувања што ги имавме пред доаѓањето на власт и пред изборите. Ние, истакна Груевски, ветивме дека ќе ги намалиме цените на лековите и тоа го реализираме.