Јанкулоска побара соработка со Европската канцеларија за азил

Во рамки на министерската конференција на „Салцбург Форумот“ што се одржа во Букурешт, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера имаше средба со  директорот на Европската канцеларија за поддршка на азилот, Роберт Висер.

Оваа средба беше прва од ваков вид за Република Македонија, потенцираше Јанкулоска за МИА, со оглед на тоа што оваа Агенција за поддршка на азилот како Европска канцеларија главно нуди поддршка на земјите од ЕУ и игра клучна улога кога станува збор за заедничкиот европски систем на азил.

Практично, појасни Јанкулоска, тоа е и целта на нејзиното основање за да се подобри практичната соработка и тогаш кога им е потребно да им се помогне на земјите-членки во исполнување на нивните европски и меѓународни обврски за да се зачува концептот на системот на азил и заедничката миграциска политика на Европската унија.

- Моето барање до директорот на Агенцијата беше да ја разгледаат можноста за проширување на надлежноста која тие ја имаат и со други земји кои не се членки на ЕУ. Се разбира, конкретно тука потенцирав дека би било за нас значајно да биде тоа Република Македонија за да можеме и ние да ги користиме алатките што ги нудат и нивните искуства со цел да се надминат проблемите со кои се соочуваме во делот на лажните барања за азил и на оние кои кои внесуваат наши државјани во земјите од ЕУ, изјави Јанкулоска.

Уште повеќе, истакна таа,  за полесно заеднички да се справуваме со илегалната миграција што во минатиот период интензивно се појавува и на нашите граници, односно на границата со Република Грција, со оглед на тоа што факт е дека токму преку оваа граница која меѓу другото е и граница на ЕУ доаѓа најголемиот наплив на мигранти во ЕУ.

- Република Македонија со оглед на фактот што е на браникот на надворешната граница на Европа прави максимални напори се со цел да воспоставиме ред односно да постигнеме поголема ефикасност која ќе значи во крајна линија намалување на бројот на лица кои вршат притисок на системот на азил во Европската унија, рече министерката за внатрешни работи.

Во тој контекст, Јанкулоска потенцирала дека Република Македонија само во последнава година бележи зголемување на ефикасноста на работење на граничните служби за дури 70 проценти.

- Меѓутоа, факт е дека дури ни тоа не е доволно доколку на другата страна на границата немаме еднаква посветеност. Во таа смисла на сите средби и на сите сесии на состаноците јас континуирано потенцирам дека ЕУ мора да најде начин да и помогне на Грција за да го подобри нејзиниот капацитет за управување со границите за да го намалиме притисокот не само заради Република Македонија која по сила на приликите е токму на границата со Грција, туку и притисокот врз Европската унија и системот на азил, рече министерката Јанкулоска која учествуваше на конференција „Салцбург Форумот“ во Букурешт.

Од страна на Европската канцеларија за поддршка на азилот било ветено дека ќе ги разгледаат сите формални предуслови, а во делот на практичната соработка изразиле подготвеност за изнаоѓање форми низ кои во најмала рака ќе се усогласат методологиите на работа и и системите на размена на податоци бидејќи, подвлече Јанкулоска, посебно кога станува збор за проблематиката за азил значајно е информациите кои ги разменуваме меѓусебе да бидат пред се навремени, но и точни и проверени.

- Постои позитивно расположение. Се разбира, за да дојдеме до финална реализација и ефектуирање на овие наши идеи потребно е да ја усогласиме, односно да ја разгледаме правната и нормативната рамка за да може сето она што го правиме да биде и законски, односно нормативно поткрепени, изјави за МИА од Букурешт, министерката Гордана Јанкулоска.