Груевски: Турска компанија ќе гради фабрика во Бунарџик 1

Турска компанија која произведува уринарни катетри и друга медицинска опрема ќе гради фабрика во Бунарџик 1. Договорот, како што информира премиерот Никола Груевски, со оваа компанија поминал на последната владина седница.

- Неодамна најавив две нови турски инвестиции и сега можам да кажам дека договорот за едната помина на седница на Влада и таа компанија одлучи да се смести во зоната Бунарџик-1. Станува збор за компанија која ќе инвестира во делот на медицинска опрема и ќе произведува уринарни катетри, а ќе произведуваат и друга медицинска опрема. Во период од две години ќе вработат 250 лица, на почеток 100, а потоа останатите до 250 лица и ќе инвестираат 9 милиони евра. Договорот помина на Влада. Следува потпишување на договорот и почеток за изградба на фабриката, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања при посетата во Битолско.

Тој додаде дека од турската компанија се информирани дека изградбата треба да почне околу нова година, а да заврши кон крајот на јули или август наредната година, кога ќе почне и производството.

Најави дека договорот за втората компанија ќе биде на наредна седница на Владата, но не подоцна од еден месец, а потоа и таа компанија од Турција ќе почне со својата инвестиција која, како што рече, е од областа на медицинската индустрија која ќе вработи 250 лица, посочи премиерот Груевски.