Министерот Спасов на регионална тркалезна маса „Социјалниот дијалог во ЈИЕ“

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов учествува на Четвртата регионална тркалезна маса „Социјалниот дијалог во Југоисточна Европа“ која од 17 до 19 октомври се одржува во Загреб.

На конференцијата покрај социјалниот дијалог се разменуваат искуства и за спречување на непријавената работа при што ќе се дадат препораки за прекугранична соработка за спречување на непријавената работа, како и реформите на трудовото законодавство.

Говорејќи за социјалниот дијалог во Република Македонија, министерот Спасов своите колеги ги информираше дека Македонија покрај тоа што ги има ратификувано конвенциите на Меѓународната организација на трудот коишто имаат директно влијание на социјалниот дијалог, има воспоставено и во неа функционира социјален дијалог на трипартитно и бипартитно ниво, кој во изминатиот период бележи значителен напредок, а во функција на унапредување и јакнење на социјалниот дијалог направени се неколку законски измени.

- Во 2009 година заедно со синдикатите и работодавачите направивме измени и дополнувања на Законот за работните односи, со кој се утврдија нови критериуми за репрезентативност на синдикатите и здруженијата на работодавачи. Измените беа во насока на значително намалување прагот на репрезентативноста со што се создадоа услови и можности за вклучување на повеќе синдикати и здруженија на работодавачи во процесот на социјалниот дијалог и тоа како на трипартитно така и на бипартитно ниво, рече министерот Спасов на 4-та регионална конференција во Загреб.

Тој додаде дека Законот го утврдил прагот на репрезентативноста, при што, како што посочи, репрезентативен синдикат на национално ниво е синдикатот кај којшто членуваат 10 проценти од вкупниот број на вработени во земјата.

- Прагот на репрезентативноста за колективно договарање е повисок и изнесува 20 проценти односно репрезентативен синдикат на ниво на приватен и јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот кој го води Министерството за труд и социјална политика и во кој се зачленети најмалку 20 отсто од бројот на вработени во наведените сектори. Во однос на здруженијата на работодавачи, како репрезентативно здружение на ниво на Републиката е здружението во кое се зачленети најмалку 5 проценти од вкупниот број работодавачи во приватниот сектор или работодавачите членки на здружението да вработуваат најмалку 5 отсто од вкупниот број на вработени во приватниот сектор, рече Спасов.

Во Република Македонија трипартитниот социјален дијалог се одвива преку работата на Економско- социјалниот совет кој согласно со своите надлежности разгледува прашања и дава мислење на Владата на Република Македонија за прашања во врска со економскиот развој, политики на пазарот на трудот, политики на плати и цени, трудот и социјалното осигурување, социјалната заштита, здравствената заштита, фискалните политики, работните услови и заштита на работните места, образованието, културата, како и други области коишто имаат влијание на економско - социјалниот интерес на работниците и работодавачите.

Министерот Спасов потенцираше дека е значаен и бипартитниот социјален дијалог, односно уредувањето и доуредувањето на прашањата во врска со правата и социјалната положба на вработените преку процесот на колективното договарање.

- На национално ниво е предвидено потпишување на два општи колективни договори и тоа еден за вработените во приватниот сектор, кој веќе е потпишан, а во тек се преговори кои ги води Владата на Република Македонија со репрезентативните синдикати за потпишување на нов колективен договор за вработените во јавниот сектор, истакна Спасов.

Темата поврзана со појавата на непријавената работа на конференцијата беше отворена по барање на Европската комисија која на 4 јули 2013 година побара мислење од европските социјални партнери за потенцијални идни мерки кои би се примениле на ниво на Европската Унија, со цел справување со непријавената работа преку подобрена соработка на релевантните институции на земјите членки, како што се трудовите инспекции, даночните управи, надлежните органи за социјално осигурување...

Во рамките на оваа тема министерот Спасов говореше за улогата на инспекцијата на трудот во врска со непријавената работа при што во своето обраќање стави акцент на трудова експлоатација, која претставува глобален проблем со што сериозно се повредуваат човековите права, а посебно правата на работниците и се појавува во голем број земји во светот, па и во Македонија.

- Република Македонија како земја кои ги има ратификувано меѓународните конвенции со кои се забранува трговија со луѓе, принудна работа и секаков вид експлоатација има обврска на својата територија да преземе мерки и активности за спречување на трговијата со луѓе и принудна работа, да се грижи и да дава помош на жртвите од овој вид криминал, како и да презема законски мерки против сторителите. Во време на светска економска криза, миграциските движења посебно трудовата миграција ги има зафатено сите земји, било како земја на регрутација на жртвите, како транзициска земја или земја на крајна дестинација. Република Македонија е препознаена како земја на транзит, дестинација и потекло на жртви со трговија со луѓе, рече министерот за труд и социјална политика.

Во вршењето на инспекцискиот надзор, додаде тој, инспекторот на трудот е овластен да влезе во просториите на работодавачот во секое време на денот и ноќта без оглед на работното време на работодавачот.

- Инспекторот има право да ги прегледува сите простории, работни места и условите за работа, да прибира податоци и информации, и да зема информации од работниците. Инспекторот е овластен да бара на увид лични исправи од лицата затекнати на работа заради нивна идентификација. На овој начин инспекторот има големи можности за откривање на секое нелегално присутно лице кај работодавачот, меѓу кои и евентуалните жртви на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација, рече Спасов.

Осврнувајќи се на реформите на трудовото законодавство министерот за труд и социјална политика рече дека во изминатиот период еден од приоритети на Република Македонија биле реформите на законодавството во од областа на трудот при што интензивно се реализираа бројни активности за транспонирање на релевантните ЕУ Дурективи во соодветните домашни закони.

- Истовремено, големо внимание се посветуваше и на континуираното јакнење на капацитетите на државните институции и социјалните партнери, за успешно креирање и спроведување на политиките во делот на трудовото право и работните односи, се со цел да се обезбеди подобро и подинамично функционирање на пазарот на труд и ефикасно имплементирање на највисоките меѓународни трудови стандарди, рече министерот Спасов.

Во неколку измени и дополнувања на Законот за работните односи, како што посочи, извршено е транспонирање на ЕУ директивите кои се однесуваат на организирањето на работното време, на колективни отпуштања, на информирање и консултирање на работниците, директиви за еднаков третман при вработување и работа и за еднакви можности на мажите и жените, други директиви во делот на антидискриминација и еднаков третман, потоа за заштита на младите луѓе и на жените работнички на работното место...

- Извршени се измени и дополнувања на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, во насока на дефинирање на поимите и принципите утврдени во законодавството на ЕУ и другите меѓународни документи , во врска со примената на слободата за давателите на услуги и слободното движење на услуги и постигнување на висок квалитет на услуги, обезбедување на правото на слободен пристап до вработување, еднаквиот третман при вработување и слично. Исто така, за одбележување во оваа област е и тоа што по постигнувањето на спогодбата помеѓу трите социјални партнери, донесен е посебен Закон за минимална плата во РМ, кој започна да се применува од 2012 година. Кон крајот на мај 2013 година Собранието на Република Македонија го усвои Законот за заштита од вознемирување на работното место, рче министерот Спасов.

Организатори на Четврта регионална тркалезна маса во Загреб се Министерство за труд и пензиски систем на Република Хрватска, Фондацијата Фридрих Еберт – Регионален проект за работни односи и социјален дијалог во Југоисточна Европа, Белград, во соработка со Социјалните партнери на Хрватска и Фондацијата Фридрих Еберт, Регионална канцеларија за Хрватска и Словенија, Загреб.