Ставрески:Потврдата на Фич добар сигнал за странските инвеститори

Владата е задоволна од потврдата на кредитниот рејтинг на Република Македонија од страна на Агенцијата „Фич“. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ова е признание за економските политики на земјата и добар сигнал за странските инвеститори.

- Многу малку земји во овој економски амбиент имаат добиено потврда на кредитниот рејтинг и сметам дека остварувањето на Република Македонија треба да се забележи и треба да претставува силен сигнал за сите странски инвеститори, за банкарскиот сектор и оние кои го следат банкарскиот сектор и економскиот реален сектор во Македонија, дека политиките се добро поставени и дека резултираат во позитивни оценки на кредитните агенции, рече вицепремиерот Ставрески на денешната прес-конференција.

Тој посочо дека во првите шест месеци  од оваа година кредитниот рејтинг од меѓународните агенции е намален на Велика Британија, Холандија и Италија, а од регионот на Хрватска, Словенија, како и на Кипар.

Министерот истакна дека рангирањето на „Фич“ се базира врз подобрените проекции за еконмскиот раст на земјата и нивото на долгот.

- Токму овие две работи се оценети позитивно во оценката на Фич, односно задржувањето на кредитниот рејтинг главно се базира на два фактора, а тоа се подобрените економски резултати во првата половина од годината и очекувањата до крајот на годината па и понатаму, и второ нивото на државниот долг кое што е и натаму меѓу најниските во Европа, додаде министерот.

Во однос на растот на македонската економија, министерот посочи дека оценката на Фич е дека таа ќе заздрави посилно од очекувањата и дека во текот на 2013 година како резултат, пред се, на капиталните инвестиции во делот на градежништвото и подобрените резултати на извозот, Република Македонија ќе може да оствари поголем економски раст од планираниот, односно раст од 2,7 проценти според Фич.

Како што додаде, агенцијата Фич предвидува дека и во следните години македонската економија ќе има постабилен раст отколку другите економии во Европа, пред се, базирано на високите капитални инвестиции, но и на очекувањта дека ќе се зголемува извозот и производството во Македонија, вклучувајќи ги и компаниите во зоните.

- Другата силна страна на македонсакта економија според Фич е тоа што се задржа ниското ниво и умереното задолжување на Република Македонија. Покрај останатите, се нотира дека долгот е под 34 проценти од БДП и дека со сите предвидени инфраструктурни проекти за следниот период, а има многу крупни капитални инфраструктурни проекти, пред се, изградбата на нови автопати и енергетски капацитети, потенцира министерот за финансии, и додаде дека според Фич земјата и понатаму ќе остане ниско задолжена, односно и следните две години ќе има ниско ниво на задолженост од 36-37 проценти од БДП.

Министерот Ставрески посочи дека во извештајот како потенцијални позитивни фактори ги наведуваат почнувањето преговори со ЕУ и диверзификацијата на економијата со побрзо темпо од предвиденото врз база на резултатите на странските директни инвеститори во слободните економски зони. На страната на потенцијалните негативни ризици е ставено евентуалното зголемување на фискалниот дефицит од постојното ниво што според Фич може ако се случи да доведе до зголемување на долгот.

– Ние со тоа се согласуваме и токму од тие причини не планираме натамошно зголемување на буџетскиот дефицит. Напротив, предвидуваме со умерено темпо да се одвива фискална консолидација која во случајот на Република Македонија ќе се одвива со поумерена динамика во однос на земјите што имаат високо ниво на задолженост како Италија и шпанија. Предвидуваме постепено умерено намалуање на буџетскиот дефицит на 3,2 проценти за 2015 и 2,6 проценти за 2016 година, со долгорочно натамошно усогласување со општите состојби во економијата,  појасни Ставрески.
 
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ вчера ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен „ББ+“.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога може да се очекува повисок кредитен рејтинг, министерот рече дека пред се, треба да заздрави европската економија и да се овозможи македонската економија со тоа да оствари потенцијални стапки на економски раст.

– Оценката на Фич и претходните оценки укажуваат на тоа дека она што Македонија може да го направи и зависи од неа е направено, меѓутоа во услови кога европската економија е во рецесија растот на македонската економија не може да биде поголем од овој што сега го остваруваме, кој е максималното ниво на економски раст и ако европската економија оди во попозитивна зона што се очекува ќе можеме и ние да оствариме раст од 5-6 проценти и раст, кој ќе биде рефлектиран во понтамошно зголемување на кредитниот рејтинг на РМ, истакна Ставрески додавајќи дека политиките што зависат од Владата и може да ги спроведеме во вакви околности се тие.