Канческа Милевска: Продолжува поддршката на фолклорните ансамбли

Министерстворо за култура во континуитет ги поддржува фолклорните ансамбли, а тоа ќе го прави и во иднина, истакна министерката Елизабета Канческа Милевска на денешната средба со претставници на Сојузот на фолклорните ансамбли на Македонија (СОФАМ).

- Имавме можност со голем број фолклорни ансамбли кои егзистираат во Република Македонија да разговараме за поддршката која ја даваме, за проблемите со кои се соочуваат итн., бидејќи сепак фолклорот е навистина еден значаен сегмент од негувањето на нашата традиција, на нашите песни и ора, на сето она што го отсликува македонската и фолклорна музика и традицијата која ја негуваме преку целокупната поддршка, рече Канческа Милевска.

Посочи дека Министерството за култура во континуитет ги поддржува гостувањата на голем број ансамбли низ градовите во Република Македонија и надвор од државата, каде што учествуваат на фестивали, а наградите кои ги добиваат се од огромно значење за негувањето на фолклорната дејност и презентирање на државата. Исто така, како што рече, се даваат и средства за голем број нови кореографии кои се создаваат, се даваат средства за откуп на голем број носии кои исто така се презентирани преку самите здруженија.

- На денешниот состанок се отвори прашањето околу стручноста и вработувањето на голем број стручни кадри во самите здруженија, поддршката која ја добиваат овие здруженија и од локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат некои од нив во делот на просторот каде се сместуваат. КУД „Орце Николов“ побара простор и заеднички изнајдовме еден соодветен простор кој со одлука на Влада го доделивме, а тоа е просторот во објектот на Македонската опера и балет кој се реновира и е во функција на самото културно-уметничко друштво. Ќе се детектираат овие проблеми во делот на просторот, истакна Канческа Милевска.

Таа нагласи дека како Министерство за култура ќе направат една анализа или стратегија која ќе ја понудат на Владата, а се однесува на тоа, оние центри за култура кои ги има во градовите да изнајдат можност на оние здруженија кои се соочуваат со таков проблем да им дадат можност да ги користат тие простори во самите центри со цел да се надмине тој просторен проблем.

Оваа поддршка во делот на проектите, укажа министерката, континуирано ќе продолжиме во таа насока да ја даваме се со цел да пристигнат навистина квалитетни проекти кои ќе бидат поддржани за наша меѓународна промоција во делот на фолклорот.

-Во Република Македонија има една национална институција, тоа е ансамблот „Танец“ кој континуирано се поддржува во Годишната програма и голем број културно-уметнички друштва како „Орце Николов“, „Мирче Ацев“, „Илинден“ во Битола, „Ибе Паликуќа“ и други., кои благодарение на нивниот ентузијазам, професионалност и привлекување на членови и од помладата популација, мислам дека многу ќе помогнеме и кај младата популација да се негува тоа чувство на почитување на нашата македонска фолклорна музика, на игрите, на песната, на ората, на сите тие кореографии кои благодарение на Министерството за култура се повеќе ги има, додаде министерката Канческа Милевска.
 
Претседателот на Комисијата за фолклорна дејност при Министерството за култура Марко Китевски рече „бидејќи фолклорот, песните заедно со обичаите и другите форми на народната култура се најдобар афирматор на нашата национална самобитност“.

- Комисијата при Министерството направи класификација или подредување на ансамблите, на друштвата според одредени критериуми – број на години на постоење, број на членство, настапи на афирмирани фестивали и врз основа на тие критериуми, врз основа на образложените проекти се доделуваат средства, додаде Китевски.

Тофе Дракулевски, уметнички раководител на ансамблот „Орце Николов“ истакна „тоа што е Бразил во фудбалот, Македонија е во фолклорот“.

-Македонскиот фолклор односно ансамблите кои го презентираат каде и да отидат на светските фестивали каде има натпреварувачки карактер, скоро секој пат сме меѓу првите три ансамбли. Тоа значи дека многу квалитетен фолклор има Македонија. Тоа е гордост на Македонија, затоа тоа треба да се негува, поддржува и колку што е можно помага, додаде Дракулевски.

Во Република Македонија постојат и активно делуваат околу стотина културно-уметнички друштва кои работат во повеќе региони и кои ја негуваат фолклорната игра и песна, односно традицијата на тие региони. Буџетот за поддршка на фолклорната дејност годинава е тројно зголемен споределно со буџетот во 2007 година.