Димовски: Земјоделците да ја искористат државната поддршка за поголемо производство

Земјоделците да ги искористат трендовите на домашниот пазар кои укажуваат на висока лојалност на домашните потрошувачи кон македонските земјоделски производи, но и наменски да ја реализираат финансиската поддршка за обновување и проширување на производството и инвестирање во модернизација и повисока продуктивност, порачува ресорниот министер Љупчо Димовски по повод Светскиот ден на храната, 16 Октомври.

Меѓународниот ден на храната е воспоставен од Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) со цел популаризирање на борбата против гладот и сиромаштијата во светот.

- Република Македонија не се соочува со овие предизвици иако и во нашето земјоделство остануваат многу сериозни прашања на кои заеднички треба да одговориме, изјави Димовски за МИА. 

Според него, производството на храна и земјоделството остануваат меѓу приоритетите на владините економски политики.

- Секторот и земјоделците го имаат повторно своето заслужено место во општеството кое сега правично го препозанава нивниот труд. Но, и во следниот период, како и досега, треба да продолжат напорите за издигнување на статусот и состојбата на македонскиот земјоделец на уште повисоко ниво. Тоа е единствено можно преку зголемување на конкурентноста на производството која може да се постигне само со вложување и инвестиции во негова модернизација, нагласи министерот.

Подобрувањето на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи и храната, маркетингот и пласманот на производите, се областите, смета Димовски, во кои исто така е неопходно да се посвети поголемо влијание од страна на земјоделците.

- Само здружени, земјоделците може да бидат поуспешни на пазарот и да обезбедат реално вреднување на нивниот производ. Ова е особено важно во нашите, македонски услови каде земјоделците со своите ограничени производни капацитети не можат да произведат доволни количини за индивидуално да настапат на пазарот и во преговорите со откупувачите да обезбедат поволни услови во своја корист. Остануваме посветени на поддршката на земјоделците и производителите на храна во нивните напори за поголемо и поквалитетно производство, напоменува Димовски.

Министерството за земјоделство ги следи глобалните трендови за производство и потрошувачка на храна кои долгорочно укажуваат на пораст на потребите од храна и пораст на цените на земјоделски производи. Соодветно, како што рече Димовски, Владата ги адаптира политиките на поттикнување на земјоделската продуктивност за достапноста на храната со цел да обезбеди квалитетна храна за домашните потрошувачи.

Производството на храна во Македонија во некои потсектори и гранки бележи пораст, додека во одредени сегменти се одржува на задоволително ниво.

- Согласно нашите податоци, производството на житни култури во последните неколку години е стабилно, имајќи ги предвид неповолните агро-климатски услови лани. Зголемено е производството на ориз кое годинава споредбено со 2008-ма бележи пораст од 64 отсто. Површините под пченица се зголемени за околку 1.400 хектари, а родот достигна 280.000 тони што е зголемување од околу 30 отсто во однос на 2012-та. Во делот градинарство, зголемено е производство на пиперки и краставици за околу 8 проценти, рече Димовски.

Производството на компир, грав, домат на отворено, кромид и бостан покажува тренд на стабилност во последниве 2-3 години.

Евидентирано е зголемено производство на јаболка за околу 21 отсто, а раст бележи и секторот за прерботка на овошје и зеленчук. Во последните седум години количините на преработено овошје и зеленчук се удвоени. 

- Преработените производи овошје и зеленчук се зголемени за 2,5 пати, зголемен е и откупот како резултат на зголеменото домашно производство, од 57,5 илјади тони на 71,8 илјади тони или за околу 25 проценти, истакна министерот.

Стабилно е, додаде, и сточарството, производстовото на млеко во континуитет изнесува околу 400.000 тони.  

Министерот Димовски е дециден дека македонските граѓани јадат безбедна храна, и од домашно производство и од увоз.

- Агенцијата за храна и ветеринарство преку воспоставениот интегриран систем врши редовни инспекциски контроли на увозот, како и во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна. Се контролираат и производите и материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, со што се реализира примарната цел, обезбедување високо ниво на заштита на здравјето и интересите на потрошувачите, потенцира Димовски.

Се спроведуваат и вонредни контроли, често по претставки на граѓаните.

- Законска обврска на операторите со храна во Македонија е да имаат имплементирано ХАЦЦП систем,  добра хигиенска или добра производствена пракса базирани на ХАЦЦП принципите, зависно од големината на операторите и нивната дејност, подвлече министерот Димовски.

По повод Светскиот ден на храната Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) апелира да се спречи непотребното трошење и расфрлање на храната. Проблемот со недостигот на храна, според ФАО, постојано се усложнува поради урбанизацијата и глобализацијата.

Една третина од светското производство на храна се „губи или пропаѓа“ поради негрижа или недостиг на адекватни средства за складирање и дистрибуција во трговските мрежи. Станува збор за 1,3 милијарди тони храна годишно. Со една четвртина од неа би можеле да се нахранат 842 милиона лица кои се уште страдаат од глад во светот.