Министерот Спиро Ристовски ги посети општините Виница и Карбинци

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска беше во работна посета на Виница и Карбинци и се сретна со градоначалниците на општините, Емил Дончев и Зоран Минов.

Во Виница Ристовски, заедно со градоначалникот Дончев, го посети Основното училиште „Гоце Делчев“ и првоодделенците од насоката основно музичко образование која првпат беше воведена годинава.

Министерот во ова училиште ги посети и учениците кои се вклучени во проектот „Биди модерен, селектирај паметно“, кој има цел да ја подигне еколошката свест на учениците од прво до четврто одделение. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование  и наука, чини еден милион денари, а предвидено е да трае една година.

При посетата на Виница, министерот го посети и средното училиште „Ванчо Прке“. Ристовски истакна дека продолжуваат инвестициите во образованието во источниот регион.

- Продолжуваме со реконструкција на покривни конструкции и санитарни јазли во повеќе училишта во источниот регион. Се продолжува со изградба на веќе започнатите спортски сали во рамки на училиштата, а ќе има и изградба на нови спортски сали, рече Ристовски.

Како што информира МОН, министерот на средбата со двајцата градоначалници разговараше и за условите во кои се одвива наставата во четирите основни и средното училиште во општина Виница и основното училиште кое се наоѓа на територијата на општина Карбинци, како и за можностите за подобрување на инфраструктурните услови.

Ристовски денеска се сретна и со наставниот кадар од училиштата од Виница и Карбинци со кој, исто така, разговараше за актуелните состојби во образованието.