Пуштен во употреба реконструираниот пат од Штип до Љуботен

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска свечено го пуштија во употреба реконструираниот пат од Штип до Љуботен, во должина од околу 2 километра.

Инвестицијата за реконструкцијата чини 230.000 евра, а средствата се обезбедени преку ЈП за Државни патишта.

Министерот Јанакиески информира дека за време на денешната работна посета градоначалникот Захариев му презентирал детали околу изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, кој, подвлече, е главен приоритет на Владата за 2014 година за жителите од источна Македонија.

- Во моментов во Република Македонија се работи на шест регионални патни правци, најголем дел од нив се во источна Македонија и очекуваме сите тие шест патни правци да завршат, како што е еден од значајните, а тоа е регионалниот пат Радовиш-Конче. За наредниот период она што го истакнавме како приоритет за источна Македонија е изградба на автопатот Миладиновце-Штип, потоа реконструкција и проширување на патот Велес-Кадрифаково, а веќе се започнати градежните работи таму, изјави Јанакиески, додавајќи оти  паралелно со економскиот тим на Владата се работи за обезбедување средства за патниот правец од Штип до Кочани.

Тој истакна дека согласно програмата, треба да се реализираата уште 150 локални патни правци односно да се завршат во период од 2014 до 2015 година.

Според градоначалникот Захариев, по 50 години благодарение на Владата, се реконструира оваа делница, која, истакна, е значајна за жителите во викенд населбата Суитлак, но и за оние кои патуваат до селата Љуботен и Липовдол. 

На прашање на новинарите до каде е постапката во Управниот суд со доделувањето на социјалните станови во штипската населба Сењак, министерот Јанакиески информира дека очекува постапката во Управниот суд од аспект на тужбените барања да заврши до крајот на месецов.

- И мене тоа ми е товар, бидејќи подолг временски период Управниот суд ги решава предметите, но јас како министер не можам да ги доделам становите без одлука на Управниот суд. Очекувам во октомври Управниот суд да ги реши сите предмети, рече Јанакиески.

Тој истакна дека Општина Штип е меѓу првите кои успешно ги решаваат предметите за легализација на дивоградбите, а каде што веќе 40 проценти од нив се и легализирани.