Одбележан Светскиот ден на белиот стап

Со дефиле од плоштадот „Македонија“ до Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, промоција на книгата „Мојот живот без вид“ од Димитар Дерменџиевски и изложба на тифло-технички помагала и ракотворби од слепи лица, денеска беше одбележан Светскиот ден на Белиот стап - 15 Октомври, во организација на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија (НССРМ).

Претседателот на Националниот сојуз Жарко Селковски истакна дел од големиот број проблеми кои ги мачат слепите лица, а најгорливи се оние кои се однесуваат на движењето, читањето и пишувањето.

Тие проблеми, рече, можат да се надминат со обезбедување современи технолошки помагала. За пишувањето и читањето, додаде, се прават напори заедно со Владата преку Министерството за информатика и јавна администрација да се изработи  говорна синтеза на македонски јазик.

- Таа се вика „Ленче“ и е првично изготвена, но треба да се усовршува. Во најскоро време со помош на Владата и тоа ќе го решиме, рече Селковски.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека Владата и Министерството со кое раководи и натаму ќе остане посветено на овозможувањето рамноправност на слепите лица, преземајќи мерки, како што рече, за унапредување на нивната положба.

Досега појасни Спасов, Владата овозможи лепите лица да користат посебен додаток кој изнесува 7.000 денари, а во моментов го користат 1.080 лица. Слепите лица, рече, добиваат и парична помош за нега и помош од трето лице, со што дополнително им се дава поддршка за да ги наминат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.

- Тука се и мерките за бесплатен превоз, мерка која се спроведува минатите години и дополнително помага за зголемување на нивната мобилност, како и бесплатно присуство на придружник за време на здравствено лекување. Исто така, во НУБ е оформено посебно одделение за слепи лица. Во наредниот период ќе спроведеме конкретни активности со цел зголемување на фондот на аудио книги, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој го спомена и зголемувањето на паричниот надомест за самохрани родители на деца со пречки во развојот за 50 проценти, кој ќе започне да се исплаќа од 2014 година, потоа помошта од Министерството за здравство кое обезбеди звучни апарати за мерење на притисокот, како што рече, МТСП наскоро ќе им обезбеди и и посебни часовници за слепи лица. Како дополнителна помош ќе биде и најавата за вработување на 300 лица со инвалидност во државните институции меѓу кои, како што истакна, ќе има и слепи и слабовидни лица.

- Би сакал да упатам повик до приватните компании да дадат поддршка на оваа категорија граѓани бидејќи сите заедно треба да преземеме активности за континуирано да се унапредува положбата на слепите лица во Македонија, рече Спасов.

Во рамки на одбележувањето беше промовирана и книгата „Мојот живот без вид“ од Димитар Дерменџиевски, уредена од Михаил Белдедовски. Авторот е основач и прв претседател на Сојузот на слепите на Република Македонија, борец за достоинството и за правата на слепите лица, за националните права на македонскиот народ меѓу двете Светски војни, учесник во НОБ и доследен борец за слободна, независна и самостојна држава Македонија.

Во холот на „Даре Џамбаз“ беше отворена изложба на тифло-технички помагала и ракотворби од слепи лица.

Националниот сојуз на слепите во Македонија делува од 1946 година, со цел да ги подобри условите за живот и работа на слепите лица, како и нивна социјализација и интеграција во општествената заедница. Во него членуваат повеќе од 2.500 слепи лица.