Средба на министерот Џафери со амбасадорот на НАТО Еванс

Соработката меѓу Македонија и НАТО, особено за ангажманот во мисијата ИСАФ во Авганистан беше во фокусот на денешната средба во Скопје на министерот за одбрана Талат Џафери со помошник-генералниот секретар на НАТО за операции, амбасадорот Стивен Еванс.

Мисијата и придонесот на македонските мировници, според ресорниот министер, високо се  вреднуваат по однос на сите задачи ставени пред нашите припадници во Авганистан. 

- Ги потврдивме заклучоците дека НАТО силите и земјите партнери се подготвени целосно да ја завршат мисијата ИСАФ во Авганистан, во контекс на преземање на соодветните национални институции да можат да ги пренесат сите задачи на тие институциии. Да можат да се стават во улога на менторирање, поддршка и советодавна улога во нова невоена, неборбена мисија во Авганистан, рече Џафери.

Амбасадорот Еванс ја ја поздрави подготвеноста на Македонија да учествува во оваа мисија за обуки, совети и помош по 2014 година.

- Тоа ќе биде мисија предводена од НАТО за обука, советување и помош што ќе се разликува од сегашната, ќе биде помала и ќе има неборбена природа. Оваа мисија ќе ја обезбедува потребната и многу важна поддршка, обука и советување за безбедносните сили во Авганситан, но ќе има и заднинска поддршка да ги продолжат нивните напори и за годините по 2014, појасни Еванс.

Тој нагласи дека македонските војници  во Авганистан извршуваат многу витални работи, како што се заштита на силите на главната команда на ИСАФ во Кабул. До крајот на идната година, додаде, авганистанските безбедносни сили целосно ќе ја преземат одговорноста за безбедноста на нивната земја. Мисијата на ИСАФ ќе заврши успешно, но тоа нема да биде крај на односите меѓу НАТО и Авганистан.

Во врска со утрешната конференција на тема „Научени лекции од операции и вежби извршени од EADRCC“, Еванс посочи дека таа ќе се фокусира како НАТО и партнерските земји може да се здружат да одговорат на брз и соодветен начин со цел да се справат од природни катастрофи што земјите не можат сами да ги решат.

- Општа констатација е дека ниедна земја од регионот, без оглед дали е членка на НАТО или не, нема достапни сили да се справува со сите предизивици од невоена природа. Иако тоа во претходниот перид го искажаа, а билатералната соработка која што се воспостави, се цени како недоволна во однос на координацијата и преземањето на заеднички дејствија за да се справиме сите со тие предизвици кои стојат пред нас, рече министерот Џафери.