Пуштена во употреба обновената зграда на средното училиште во Маврово-Ростуше

Во општина Маврово-Ростуше денеска свечено беше пуштена во употреба обновената зграда на истоименото средно општинско училиште, кое воедно одбележа и три години од осамостојувањето и издвојувањето од гостиварската гимназија.

Новиот објект сега има осум училници и  четири административни простории. Инвестирани се околу 9 милиони денари, од кои 5,5 милиони денари од општината, а 3,5 милиони денари од Министерството за образование и наука. Со останатите средства ќе се доуреди училишниот двор и паркиралиштата.

На  отворањето на обновената училишна зграда министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека со инвестицијата е зголемен за 100 отсто капацитетот за опфат на ученици.

- Како што ветивме и пред околу 50-тина дена, кога во општината Ростуше  бевме заедно со премиерот Никола Груевски, се заврши санацијата на фасадата на стариот и новоизградениот дел, како и поставување на целосно нова инсталација за централно греење. Министерството за образование наука придонесе и со комплетниот инвентар столчиња и клупи, како и 90 компјутери за наставата, рече Ристовски.

Градоначалникот на Маврово-Ростуше Мукрем Мехмеди посочи дека  покрај финансиска, од МОН имале голема поддршка и во идејата за осамостојување на средното училиште, што  било направено во соработка со гимназијата во Гостивар.

- Претходно имавме многу тешки услови во старата зграда и како привремено решение адаптиравме две простории како училиници во училишната кујна на основното училиште.  Со овој современ објект и опремата во него наставниците и учениците добиваат мошне добри услови за настава, изјави градоначалникот Мехмеди.