Промовирано првото мени на Брајово писмо за лицата со оштетен вид

Првото мени испечатено на Брајово писмо изработено за потребите на слепите лица, на иницијатива на Црвениот крст, а со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и Училиштето за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“, промовирано е денеска во Скопје.

Проектот го промовираше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски,  во еден од скопските ресторани Градска кафеана „Пелистер“.

- Менито на брајово писмо претставува една револуционерна активност. Од исклучително значење е поддршката која треба да им се даде на слепите лица. Поддршката што како држава и општетство им ја даваме, вклучително и приватниот сектор, е од суштинско значење за олеснување на нивниот живот и секојдневните потреби. На ваков начин и со вакви конкретни активности ние не само што ги исполнуваме обврските на РМ кон имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби, туку навистина помагаме на една категорија на граѓани кои имаат идентични секојдневни потреби како и сите други граѓани во Македонија, но имаат исклучителен проблем што не гледаат, рече Ристовски.

Тој изрази уверување, а вели имаат и информации дека поголем број приватни субјекти во РМ, ресторани и хотели, се приклучуваат кон овој процес, кој ја има поддршката на Министерството.

Коце Димов член при Сојузот на слепи лица, се заблагодари за оваа иницијатива, која како што рече ќе помогне на овие лица да ги надминат секојдневните бариери со кои се соочуваат. Покрај ресторанот „Пелистер“, кој е пионер во оваа област, изрази надеж дека и други ресторани ќе го следат примерот.

- Ова ќе значи информација плус. Не морате никого да прашувате што има на менито, туку тоа ќе може да го направите сам. Тоа ќе ја олесни и работата на луѓето во рестораните, со што ќе можете многу лесно, брзо и едноставно да порачате од менито, рече Димов.  

Сузана Тунева од Црвениот крст на Град Скопје посочи дека дополнителен бенефит од ваков вид проекти е што придонесува и за ресоцијализација на лицата со оштетен вид во рамките на сите оние редовни активности што Црвениот крст ги спроведува.

Менито е печатено на Брајовиот печатар во Универзитетската библиотека „Климент Охридски“ во Скопје, а насловните релјефни страници ги изработија децата од училиштето за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“.