Груевски- Алиев: Потврдени пријателските односи

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(петок, 19.04.2013 година), во Баку, оствари прва официјална средба со претседателот на Република Азербејџан, г-дин  Илхам Алиев.

Двајцата соговорници ги поздравија одличните пријателски односи кои владеат помеѓу двете земји на секое ниво, искажувајќи подготвеност за нивно дополнително интензивирање.

Особен акцент од страна на премиерот Груевски беше ставен на потребата за продлабочување на економската соработка имајќи го предвид фактот што Република Азербејџан е една од најбрзо растечките економии во Каспискиот регион, постигнувајќи раст кој се движеше од околу 20%, а кој истиот продолжи дури и во периодот на светската криза во моментов движејќи се околу 7%.

Соговорниците разговараа и за можностите за  унапредување на соработката, особено во енергетската сфера која е од исклучително значење за Азербејџан и која ја прави важен фактор во Каспискиот регион. Во таа насока премиерот Груевски беше информиран за крупните проекти кои ги развива Република Азербејџан, а се од глобално значење, како што се проектите ТАБ и НАБУКО.

Претседателот на Владата Груевски истакна дека Република Македонија придава високо значење на развојот на економските односи со Азербејџан, кој според својата геостратешка позиција, преставува неодминлив центар за промоција на стопанските потенцијали на Република Македонија во тој дел на светот, особено земајќи ги предвид природните ресурси, како што се, нафта и земен гас, минерали, метали и др.
    
Премиерот Груевски истакна дека во Република Македонија се добредојдени азербејџанските инвеститори кои се заинтересирани за зголемување и проширување на инвестициските можности. Прeмиерот го запозна својот соговорник за реформите кои се спроведуваат во нашата земја во сферата на економијата како што се олеснувањето и намалувањето на даноците, воведувањето на единствена стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и данок на добивка, ослободување од оданочување на задржаната добивка, намалувањето на даночните и административни бариери кои Република Македонија ја прават атрактивна за инвестирање и потенцијална бизнис дестинација за многу заинтересирани инвеститори.

Премиерот Груевски го посочи напредокот нотиран од угледниот Doing Business извештај на Светска банка, каде што веќе неколку години по ред Република Македонија бележи континуиран напредок.
Ваквиот напредок беше поздравен и позитивно оценет од претседателот на Азербејџан Aлиев кој посочи дека македонските компании се добредојдени да остваруваат плодна соработка и да ги развиваат економските односи со азербејџанската бизнис заедница, афирмирајќи ја азербејџанската заложба и поддршката во напорите за инвестициски развој на Република Македонија.
Соговорниците разговараа и за состојбите во економијата на поширокиот регион, начините за надминување на актуелните економски предизвици и нивните ефекти, како и за можностите и механизмите за нивното надминување и обезбедување на услови за економски раст и развој.

Премиерот Груевски изрази задоволство од добиената поддршка со надеж дека во иднина ќе следи дополнително продлабочување и интензивирање на политичко економските односи, истовремено упатувајќи покана за официјална посета до претседателот на Република Азербејџан Илхам Алиев.