Влада на РМ: Да не се дискредитира Клиниката за гинекологија

Во врска со написот објавен во денешното издание на печатениот весник Дневник, со наслов “На клиниката за гинекологија, Стари шпилхозни ги налутија новите мајки-родилки” би сакале да го истакнеме следново:

Изразуваме задоволство што во написот објавен во весникот Дневник, инаку дел од компанијата МПМ, единствено нешто што е најдено како слабост или пропуст за ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство- Скопје е обелената облека на бебињата заради честото перење и одржување на хигиената на истата.

Истовремено, ја потсетуваме јавноста дека сопственик на компанијата МПМ која го издава весникот Дневник е г-динот Орце Камчев кој истовремено е сопственик на болницата Систина која вложува максимални напори да привлече повеќе пациенти од државната гинеколошка клиника во Скопје, со единствена цел да заработи повеќе пари од пациентите. Во тие обиди понекогаш немајќи посилни аргументи, весниците на МПМ наоѓаат било што само со цел да ги омаловажат државните клиники и да ги убедат граѓаните да ги користат нивните приватни услуги.

Со оглед дека весниците во сопственост на МПМ никогаш немаат напишано нешто негативно за приватната болница Систина и ништо позитивно за државните клиники и болници, би сакале во оваа прилика да ги прашаме зошто токму гинеколошкиот дел од Систина сите комплицирани и потешки случаи веднаш ги препраќа на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство- Скопје каде облеката е обелена од перење? Зошто многу случаи за кои може и документирано да се докаже, откако ги третираат извесно време во моментот кога ќе дојде до компликации веднаш ги испраќаат на државната клиника? Дали затоа што новите пижами и шпилхозни во Систина не се доволни за да направаат сложени и ризични интервенции кога воопшто не е важно ништо друго освен стручноста и совесноста?

Приватната болница Систина е болница во која е прилично доста инвестирано и веројатно постојат поетички начини и стандарди да привлечат пациенти отколку тоа да се прави преку дискредитација на јавното здравство.