Панел: Отворените владини податоци значајни за претприемништвото и иновациите

Во рамки на настанот за развој на мобилни апликации ecaHack Скопје 2013, денеска на ФОН Универзитетот се одржа панел дискусија „Промовирање социјален и економски развој со отворени податоци“ на која учествуваше и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Отворените владини податоци (Опен дата) како владин ресурс, се значајни за промовирање на претприемништвото, иновациите, научните откритија и јавните сервиси.

- Во моментов на веб страницата www.opendata.gov.mk се отворени податоци од 21 институција и вкупно 110 податочни сета. Опфатени се министерствата, органите во нивен состав и самостојните организации. Објавените информации имаат добар економски или иновативен потенцијал од кој би се развиле нови апликации или бизнис модели, рече Ивановски во обраќањето.

Тој потенцира дека во следната фаза ќе бидат отворени уште 150 сетови на други институции, со што Македонија од регионален, ќе прерасне во лидер на Југоисточна Европа кога станува збор за Отвореното владино партнерство.

- Меѓу најбараните податоци преку системот на Опен дата влегуваат квалитет на воздух, сообраќајни незгоди, влез-излез на патници на граничните премини, централна база на податоци за странска помош, цени на пазарни производи, регистар на адвокати кои даваат бесплатна правна помош, фирми кои имаат вработени лица без договор за вработување, правни субјекти во кои има повреда на прописи од безбедност и здравје при работа, извршени инспекциски надзори, регистри на проценители во областа на ИКТ, регистар на финансиски друштва, меѓународни договори за двојно оданочување, регистрирани домени на МАРНЕТ,... додаде Ивановски.

Според консултантот на Светската Банка во Македонија Ана Марија Трајкоски, вкупно 57 земји во светот се приклучија кон иницијативата за Отворени владини податоци, меѓу кои и држави од поранешниот источен блок, но и од Африка.

- Молдавија оствари значајни резултати на овој план. За неколку месеци има објавено околу 170 сетови на податоци. Кенија, пак, е првата африканска земја која почна да го применува овој систем и таму резултатите се веќе видливи. Во светот постојат околу 220 веб сајтови кои нудат различни видови на Отворени владини податоци. Корист од нив имаат граѓанскиот и деловниот сектор, но и самите владини институции, рече Трајкоски.

Податоците, додаде, се од јавен карактер и сопственост на граѓаните.

На денешната панел дискусија учествуваше и британскиот амбасадор Кристофер Ивон кој ги сподели искуствата на неговата земја во рамки на оваа иницијатива. - Отвореното владино партнерство има социјални и економски придобивки, а исто така ја истакнува и транспарентната улога на владата како еден од круцијалните сегменти на демократското општење, рече Ивон.

Крајната цел на Отворените владини податоци е создавање инфраструктура од јавни податоци кои ќе бидат искористени од страна на млади претприемачи за креирање нови идеи и развивање иновативни бизниси.