Чешка и официјално ќе ни се обраќа под уставното име

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, испрати писмо до министерот за надворешни работи на Чешката Република, Карел Шварценберг, во кое се заблагодарува за одлуката на Чешка да ја потврди и официјализира досегашната пракса на обраќање кон Република Македонија со нејзиното уставно име во билатералната комуникација.

Во писмото, министерот Попоски нагласува дека Република Македонија високо ја цени принципиелната позиција и отворената поддршка што ја дава Чешка кон нашата земја од осамостојувањето. Особено се поздравува поддршката во рамки на Европската унија за што поскоро започнување на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во Унијата.

Оваа одлука на чешките власти, претставува уште еден доказ за исклучително добрите односи меѓу Македонија и Чешка, и своевиден пријателски гест во насока на продлабочување на довербата и пријателството меѓу двете земји.