Средба на премиерот Груевски со известувачот Ричард Ховит

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 14 февруари 2013 година) оствари средба со известувачот на Европскиот Парламент за Република Македонија, г-дин Ричард Ховит.

На средбата стана збор за европските интеграции на Република Македонија. Соговорниците го истакнаа задоволството од високите оценки кои беа констатирани во последниот извештај за напредокот на Република Македонија подготвен од Европската Комисија со кој се вреднуваа резултатите од реформите кој ги спроведе македонската Влада.

Премиерот Груевски истакна дека Владата и сите нејзини членови се силно фокусирани на спроведувањето на реформите во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво и дека постои напредок во реализацијата на владиниот акциски план за достигнување на европските стандарди. Премиерот се заблагодари на посветеноста и на личниот ангажман на г. Ховит во поддршката на реализацијата на македонските стратешки определби и изрази благодарност за улогата на Европскиот Парламент и придонесот кој се дава за промоција на државните и национални интереси.

Премиерот Груевски ја истакна и посветеноста на нашата држава за унапредување на добрососедските односи и надминување на предизвиците на евро интегративниот пат.

Европратеникот Ховит истакна дека Европскиот парламент ќе продолжи да дава поддршка за реализацијата на европската агенда на Република Македонија. Тој даде поддршка на реформите кој се спроведуваат чија цел е унапредување на состојбите во сите општествени сфери.

Премиерот Груевски ги истакна пред соговорникот иницијативите кој досега беа преземени за надминување на актуелната политичка состојба чија цел е возобновување на дијалогот во рамките на институциите на системот со акцент на последниот предлог пакет мерки кој беше презентиран во јавноста во текот на оваа недела.

Соговорниците изразија согласност дека сите политички субјекти треба одговорно да се однесуваат во реализација на европската агенда на Република Македонија.