Министерот Беџети се сретна со Ховит и Матеи

Министерот за правда  Блерим Беџети и членовите на Поткомисија за човекови права на Европскиот парламент, Ричард Ховит и Ципиран Матеи, на денешната средба во Скопје разговарале за реформата на судскиот систем и реформата на кривичното законодавство во Македонија.

На средбата, како што соопшти Министерството за правда, било истакнато дека Министерството за правда континуирано презема активности во насока на зајакнување на судската независност и самостојност, преку редефинирање на општите услови за избор на судии,  воведување на систем на кариера при изборот на судии во повисоките судови, како и редефинирање на одредбите за утврдување на нестручно и несовесно работење на судиите и одредбите за дисциплинска постапка. 

По однос на ефикасноста на судскиот систем, министерот Беџети  посочил дека  е постигнато намалување на севкупниот број на нерешени предмети во судскиот систем во целина, преку изземање од судска надлежност на неспорните предмети (оставински предмети, платните налози издадени врз основа на веродостојна исправа, извршни предмети кои се наоѓа кај судовите и присилната наплата на паричните казни во кривични и прекршочни предмети) и нивно пренесување во надлежност на нотарите, извршителите, односно Управата за јавни приходи, со што се обезбедува зголемување на ефикасноста на судовите, совладување на приливот и  намалување на заостатокот на предметите.

Министерот Беџети го потенцирал прашањето на Изборниот законик и изборните правила, велејќи дека Министерството ќе продолжи континуирано да  работи со цел да бидат вградени сите преостанати  препораки дадени од ОБСЕ/ОДИХР.

Во однос на функционирањето на затворскиот систем во Република Македонија, Беџети истакнал дека се преземаат активности за унапредување  и реформа на истиот.

Во таа насока, како што информирал министерот, ќе биде реализиран  проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија“ во чии рамки  ќе бидат изградени или реновирани 63.000 метри квадратни односно истиот опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во четири установи и тоа КПД Идризово, ВПД Тетово, Затвор Скопје и Затвор Куманово.

Тој нагласил дека изградбата на објекти во комплексот на Затвор Куманово е во завршна фаза и се очекува до средината на оваа година  да биде ставен во употреба.

Постапката од првата фаза на КПД Идризово, како што нагласил Беџети, е во тек и се очекува кон средината на оваа година да започне изградбата. Со реализацијата на овој Проект во значителна мера ќе се зголеми капацитетот на казнено-поправните установи и ќе се овозможат услови за престој на осудените лица согласно меѓународните стандарди. Министерот Беџети ја потенцирал и изградбата на Воспитно поправниот дом за малолетници кој ќе биде изграден во Тетово.

Во однос на активностите за  унапредување на слободата на изразување и медиуми, министерот Беџети нагласил дека  во ноември 2012 година донесен е Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и Законот за  изменување и дополнување на Кривичниот законик со кои се изврши декриминалзација на навредата и клеветата.

На средбата било посочено дека претпристапниот  дијалог успешно ја поминува првата фаза на преговорите, при што истите се во функција  на подготовка на пролетниот извештај за земјата и активностите во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво.

Претставникот на ЕП Ричард Ховит, како што стои во соопштението, истакнал дека е потребно зајакнување на  политичкиот дијалог и  фокусирање  на стратешките приоритети на земјата.