Сто четириесет и една година од раѓањето на Гоце Делчев

Македонија денеска одбележува 141. година од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. По тој повод во организација на меѓународната манифестација „Гоцеви денови“, на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје  литургија одржа Македонската православна црква.

Настапи мешаниот градски хор „Вардар“, под диригентство на Илија Атанасов.Цвеќе положија државна делегација, делегација на Собранието, претставници на АРМ, на образовни институции, политички партии, општини, установи и здруженија именувани по Гоце Делчев. 

Во состав на владината делегација беа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски. 

Пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ цвеќе положија делегација на Собранието составена од пратениците Антонио Милошоски, Лилјана Поповска и Владанка Авировиќ, владина делегација во чиј состав беа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министрите за  култура и за информатичко општество и јавна администрација Елизабета Канческа-Милевска и Иво Ивановски, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, општина Центар,...

Цвеќе беше положено и на споменикот во Градскиот парк.

Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска на 4 мај 1903 година во селото Баница.