Ќе се реконструираат спортските сали во основните училишта во Аеродром

Спортските сали во основните училишта во општина Аеродром ќе се реконструираат. Општината веќе има распишано тендер кој се очекува да заврши до крајот на февруари.

Планирано е да се реконструираат покривите, внатрешната столарија и санитарните јазли и да се постават заштитни решетки на прозорците и вратите во салите. За оваа намена општината од Буџетот веќе има одвоени околу 40 милиони денари, но се очекува цената да биде пониска со оглед на тендерската постапка.

Со реконструкцијата ќе бидат опфатени спортските сали во училиштата „Ѓорѓија Пулевски“, „Димитар Македонски“, „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, Браќа Миладиновци“ и „Блаже Коневски“.

- Со оваа реконструкција завршува фазата на обнова на сите основни училишта и на тој начин на нашите дечиња ќе им оставиме реконструирани училишта во кои тие ќе може безгрижно да учат и спортуваат и да прераснат во силни индивидуи, истакна градоначалникот на Аеродром, Ивица Конески на денешната прес-конференција.

Министерот за образование и наука Панче Кралев изрази надеж дека потегот на општина Аеродром ќе биде пример и за останатите општини и оти тие во иднина ќе поведат вакви иницијативи за подобрување на условите каде се изведува наставата по физичко образование.

-  Министерството за образование и наука веќе го спроведува проектот за изградба на 145 спортски сали од кои 28 се завршени и предадени во употреба, а 26 се во изградба. Очекуваме шест од нив да бидат завршени до крајот на март, а останатите во текот на годината. Спортската сала што се гради во Аеродром е една од тие кои што треба да заврши со изградба до крајот на годината и на тој начин да ја надополнат инвестиционата програма на општината која подолго време се реализира за подобрување на условите за изведување на наставата и спортските активности во училиштата, истакна Кралев.

Од општината очекуваат реконструкцијата да започне во март и да заврши до мај/јуни.