Во Москва средба меѓу министрите Попоски и Лавров

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во рамки на неговата официјална посета на Руската Федерација,  денеска оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Средбата се одржа во мошне срдечна, пријателска и конструктивна атмосфера, а во разговорот двајцата министри разменија мислења и ставови за вкупните меѓусебни односи и соработка меѓу двете земји. Сергеј Лавров истакна дека Република Македонија е важен партнер за Русија, не само рамки на билатералните односи, туку и во решавањето на регионалните проблеми при што Русија е против секакво менување на границите во Европа, конкретно на Балканот.

Попоски и Лавров заеднички констатираа дека политичките односи меѓу двете земји, бележат позитивен  развоен тренд и истакнаа дека постои голем потенцијал за соработка во сите сфери од заемен интерес,  особено во економската. Во таа насока министерот Попоски се заложи за засилување на соработката со Русија во областа на енергетиката, трговската размена и особено во однос на можностите за влез на директни руски инвестиции во нашата земја.

За време на разговорите, министерот Попоски го покрена прашањето за финализирање на проектите од енергетската сфера - изградбата на крак на гасоводот “Јужен тек” за испорака на гас, како и гасификација на Република Македонија и воедно побара поддршка од министерот Лавров за поактивно вклучување на руската страна во имплементацијата на овие проекти кои се од големо значење за енергетската иднина на нашата земја.

Соговорниците разговараа и за образованието, при што беше иницирана соработка на ниво на Дипломатските академии, зголемено учество на македонските дипломати на специјалистичките курсеви кои ги нуди Дипломатската академија при руското МНР, а од друга страна зголемување на бројот на руски студенти на македонските универзитети, преку пртограмите за стипендирање.

Попоски и Лавров се осврнаа и на заокружувањето на договорната рамка и во таа насока беше констатирано дека во најскоро време ќе бидат потпишани договорите за соработка во борбата против трговијата со дрога, соработката меѓу царинските органи и енергетските компании од двете земји.

Двајцата министри ја потпишааа и Спогодбата за отворање на Културно-информативни центри во Скопје и во Москва, со што ќе се придонесе за дополнително зацврстување на културните врски меѓу Македонија и Русија.

Подготвеноста за проширување на соработката помеѓу Министерствата за надворешни работи беше потврдена и со потпишувањето на нов План за консултации за претстојниот двегодишен период 2013 - 2014 година).

Министерот Попоски денеска оствари средба и со претседателот на Комисијата за меѓународни работи на руската Дума, Алексеј Пушков, на која акцент беше ставен на досегашната парламентарна соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, како и на проширување и продлабочување на економската соработка,

Во рамките на официјална посета, МНР Попоски имаше средба и со митрополитот Иларион, претседател на одделот за надворешни црковни односи на Руската православна црква.