Министерот Павлески на Глобален партнерски самит во Индија

Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески од 27 до 29 јануари 2013 година учествуваше на Глобалниот партнерски самит во Агра, Утар Прадеш. На Самитот, кој е еден од најголемите по економскиот форум во Давос, министерот Павлески како главен излагач се обрати пред повеќе од 5000 компании. Во владината делегација предводена од министерот Павлески се и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, г-дин Висар Фида, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо и економскиот промотор во Индија, г-дин Тони Атанасовски.

Во рамки на Самитот, министерот Павлески се обрати на пленарната сесија насловена: „Брзорастечки глобален синџир на вредности: Каде се вклопуваат економиите во развој?“. Во своето обраќање тој истакна дека Македонија како земја која се наоѓа на крстосница во Југоисточна Европа, претставува идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари. Сето тоа произлегува од севкупните конкурентни производствени трошоци, даночните ослободувања кои ги нуди нашата земја, како и потпишаните договори за слободна трговија кои на интернационалните компании им овозможуваат влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.

Годинешниот Самит е во организација на Министерството за трговија и индустрија, Владата на Индија и Конфедерацијата на индиската индустрија (CII). На Самитот се дискутираше за неколку клучни прашања, меѓу кои враќање на макроекономската стабилност преку обезбедување фискална дисциплина, финансиска стабилност и поттикнување на развој и раст преку создавање на подобра конкурентска основа за инвестиции во областа на образованието, технологијата и иновациите.

На маргините на настанот, министерот Павлески оствари средба со премиерот на Утар Прадеш, г-дин Шри Б. Л. Јоши и министерот за трговија, индустрија и текстил, г-дин Ананд Шарма. На средбите беа истакнати добрите односи помеѓу Република Македонија и Индија, како и взаемниот интерес за понатамошно унапредување на економските односи со Индија и привлекување на индиски инвестиции во Македонија.

Воедно, министерот Павлески и директорот Фида остварија деловни средби со повеќе индиски компании од автомобилската и ИТ индустријата, а исто така, се сретнаа и со претседателот на индиската Асоцијација на производители на автомобилски компоненти во Њу Делхи, г-дин Арвин Капур. Покрај многубројните средби со интернационални компании, министерот Павлески имаше средба и со претседателот на Бордот на директори и извршен директор на Инфосис (Infossys), г-дин Крис Гопалакришнан, поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII) и претседател на Бордoт на директори на НИКО финансиски системи (Nicco Financial Services Ltd.), г-дин Рајиве Каул, претседателот на Бордoт на директори на Годреј груп (Godrej Group) и претседател на Бордoт на директори на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII), г-дин Ади Годреј, поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII) и директор на TFR Ltd., г-дин Субод Баргава.