Конференција за придонесот на синдикатите во процесот на евроинтеграција на Македонија

Како и колку синдикатите можат да помогат во процесот на европската интеграција на Македонија во насока на усогласување на законодавството и унапредувањето на социјалниот дијалог е темата на која се разговара на дводневната Меѓународната синдикална обука што во организација на Европската конфедерација на синдикати започна денеска во Скопје.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Живко Митревски истакна дека заедно со другите синдикални организации се трудат активно да учествуваат во креирањето на политиките што се однесуваат на работните односи, социјалните права, но се и директно поврзани со процесот на евроинтеграции.

- ССМ креирајќи го активно социјалниот дијалог во Македонија непосредно учествува во повеќе органи, тела... каде ја следи политиката и регулативата, соработува со невладините организации и други институции, тела и органи каде настојуваме да креираме дел од овие политики, рече Митревски.

Од Европската конфедерација на синдикатити сметаат дека и синдикатите, но и целото општество мора да се мобилизираат за колку што е можно побрзо да ги придвижат своите земји кон ЕУ.

- ЕУ сега е крајно брзо движечка цел и структурно се менува. Тоа е големата работа која треба да се напомене. Затоа е потребна поголема концентрација за поголемо разбирање и консензус за политиките бидејќи ЕУ, во која Македонија се надевам многу брзо ќе биде дел, ќе биде различно место од сега, рече Григор Градев.

Тој додаде дека промените во ЕУ не се позитивни и оти таа сега можеби е во најлошата ситуација заради кризата и невработеноста, која и покрај добрите сигнали за наредниот период нема да заврши наскоро. Поради тоа, рече, потребо е будно следење на состојбите и навремено преземање на мерки.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски нагласи дека Македонија има направено многу на полето на усогласувањето на националното законодавство во европското, како што има постигнато и голем напредок во унапредувањето на социјалниот дијалог како средство за постигнување консензус за важни економско социјални прашања.

- Дека има напредок во остварувањето на социјалниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите потврдува и последниот извештај на ЕК. Доказ дека Македонија и натаму останува на ставот дека социјалнит дијалог е добар начин за подобра заштита на правата на работниците и работодавачите, за подобра работна клима и побрз економски развој, рече Ристовски.

На Меѓународната обука учествуваат претставници од повеќе земји од регионот и Европа.