Mинистерот Бесими ја посети Врховната команда на сојузничките сили за Европа во Монс

Министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими денеска ја посети Врховната команда на сојузничките сили за Европа –SHAPE во Монс, Кралство Белгија.

По повод посетата на Бесими, соопшти Министерството за одбрана, во рамки на SHAPE беше организирана висока официјална церемонија за пречек со гарда и рапорт од страна на командата на НАТО.

Министерот Бесими, како што се наведува, оствари и официјална средба со врховниот командант на сојузничките сили – Европа, адмиралот Џејмс Ставридис. Клучна тема на средбата беше пост - 2014 Авганистан, плановите на Алијансата по завршувањето на ИСАФ мисијата, како и планираниот придонес на Република Македонија во поддршка на понатамошна демократизација на авганистанското општество.

Адмиралот Ставридис уште еднаш ја потврди благодарноста на НАТО за континуираниот значаен придонес на Република Македонија кон НАТО предводените операции, стои во соопштението од Министерството за одбрана.