Ќе се изготви оперативна програма за поддршка на компаниите од областа на металургијата

Подготвување оперативна програма за допрецизирање на оперативните мерки на Владата во контекст на барањата на Здружението за енергетика, црна и обоена металургија при Стопанската комора на Македонија заради справување со негативните трендови во металургијата во Македонија е резултат од денешната средба меѓу Владата и претставници на ова Здружение.

По средбата претседателот на СКМ Бранко Азески изрази задоволство од покажата подготвеност на Владата, во услови на светска економска криза и на негативни тенденции во економијата на вистински начин да ги отвора прашањата по сектори таму каде што заради нивното значење би имале тешки последици врз севкупната економска активност. Подвлече и дека денешната средба, која следи по неколкуте на оваа тема изминатите три месеци,  се случуваат прв пат по 2008 година, за овој  многу значен сектор во РМ, бидејќи остварува 35 отсто од вкупниот извоз на државата, 17 отсто од вкупниот број вработени и 8 отсто од вкупниот БДП.

- Заедничка оценка е дека позитивно се примени мерките  што ги предлага Владата од сите компании, од некои повеќе од некои помалку, зависно од нивните интереси, но во глобала се мисли дека на некој среден рок тоа ќе придонесе за релативизирање и релаксирање на состојбата во оваа значајна гранка, рече Азески.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешески информира дека покрај подобрување на оперативноста на некои од владините мерки, биле отворени и други прашања кои, краткорочно, среднорочно и долгорочно се важни за задржување на конкурентноста на овој исклучително важен и извозно ориентиран сектор.

Прифатено е, рече, да се разгледа можноста за часовното балансирање во рамки на балансните групи кое стартува по нова година да биде реализирано на пофлексибилен начин, за подобрување на инфраструктурата на Македонски железници, за што додаде во тек е проект со Европската инвестициска банка за набавка на транспортни вагони заради подобрување на транспортот, договорена е динамика околу барањата за  одложување на рокот за добивање еколошка дозвола, за интензивирање на проектите во гасификацијата, како и за ставање во функција на некои кракови од железничките линии.   

- Генерално сметам дека ова беше добра средба. Владата ги поздравува СКМ и Здружението за енергетика, црна и обоена металургија за спремност да влезат во еден ваков отворен дијалог и покажуваме дека со заедничка работа можеме да дојдеме до поквалитетни решенија кои се на задоволство на двете страни, рече Пешевски.    

Во однос на можноста за користење на кредитната линија од ЕИБ за мали и средни претпријатија и од страна на големите компании, како тие од металургијата, Пешевски рече дека дел од нив ќе продолжат да конкурираат и да ги користат овие кредити бидејќи имаат законско право на тоа и самата линија е формирана на тој начин да можат да ја користат. Потсети дека Владата за таа цел одлучи 30 проценти од средствата од ЕИБ да бидат насочени за големите компании, токму како што се оние од металургијата.

Според Азески, продолжуваат негативните тенденции во металургијата во Македонија. Во јули, додаде, намалувањето изнесува 34,6 отсто на физичкиот обем на производство. Во првите седум месеци тој процент бил 9,7 проценти во однос на истиот период лани.