Младите не аплицираат за проекти за почнување бизнис, повеќе сакаат готови работни места

Младите да аплицираат со претприемачки проекти  и да ги искористат финансиите  од надлежните институции за да почнат свој бизнис, апелира денеска министерот за економија Ваљон Сарачини при посетата на фондацијата Претприемачки сервис за млади (ПСМ) инкубатор.

Моментно, укажа, мал е бројот на младите што доставуват проекти за почнување бизнис и треба да се работи на подигање на свеста да аплицираат и да ги остварат своите бизнис идеи. Министерството за економија годинава   преку Програмата за поддршка на претприемништвото одвои 430.000 денари,  но имало само пет проекти од кои два со успешна реализација на бизнис плановите.

Тоа, според Сарачини, покажува дека навистина е потребно да се работи многу повеќе  со студентите и со сите кои имаат идеи како да ги преточат во добар бизнис план. Добар пример за тоа, како што рече, е ПСМ фондацијата којашто ќе добие поддршка од 240.000 денари. 

- Проблемот е во тоа што  денес голем број од младите луѓе по  дипломирањето многу ретко размислуваат за отворање сопствени бизнис и  многу од нив се задоволуваат со какво било работно место поради што  во последно време немаме толку квалитетни проекти. Доколку седнете  со некои од младите, од нив можете да слушнете многу идеи, но ретко кој од нив верува оти тие идеи може да прераснат во успешни бизниси. Мислат дека никој не може да ги  поддржи, рече Сарачини.

Министерството за економија преку  Програмата за поддршка на претприемништвото, Министерството  за образование преку ваучерите за иновации, Централниот регистар, Агенцијата за  промоција и поддршка на претприемништвото и Министерството за информатичко општество и генерално други институции, посочи министерот, имаат навистина  многу проекти кои им помагаат директно на младите претприемачи за да работат на успешни проекти и да почнат свои бизнис.

Според Сарачини, доколку во иднина имале повеќе апликации  тогаш Министерството за економија ќе има основа да побара од Владата зголемување на буџетот за поддршка на претприемништвото.

Извршниот директор на фондацијата  ПСМ инкубатор Љупчо Деспотовски се надева дека со парите што ќе ги добијат од Министерството за економија ќе овозможат  отворање барем на неколку работни места во некои од компаниите во инкубаторот. Поддршката за  развој на претприемништвото е доказ дека  државните институции почнуваат да сфаќаат оти организациите како што е ПСМ даваат сериозна поддршка на развојот  на претпримачкиот дух во Македонија  и мотивација на младите да почнат бизнис, наведе Деспотовски.

Тој апелира сите институции да гледаат посериозно на нивната работа со оглед дека преку нивните проекти досега се отворени 300 работни места, повеќето се со извозен потенцијал.

Според Деспотовски, кампањата на Владата „Осмели се“ е доста интересна, но, како што рече, тоа не треба да се прави само една година, туку да биде континуиран начин на работа со младите луѓе да се  мотивираат да почнат бизнис.

- Освен кампањи треба да се одвојат и средства кои ќе се даваат за почнување  бизнис. Она што во Македонија недостига пред се е  почетниот капитал за почнување бизнис. Тоа може да биде мал износ од две-три илјади евра, како мотив да се почне бизнисот, наведе Деспотовски.