Владиниот тим во Тампа на бизнис форум и на конвенцијата на Републиканците

Македонскиот владин тим, предводен од премиерот Никола Груевски, со презентација на можностите за инвестирање во Македонија пред американски бизнисмени во Тампа, ја почна посетата на  САД. Груевски и владината делегација во Тампа присуствуваа и на конвенцијата на Републиканската партија каде што  имаа многубројни контакти со политичари и бизнисмени.

- Задоволни сме што интересот за Република Македонија е голем, имајќи го предвид тоа што го слушаат инвеститорите за нашата држава, како ниските даноци, најатрактивниот даночен пакет во Европа, одржливата макроекономска политика... Она што го нудиме особено во економските зони наидува на голем интерес кај нив бидејќи вкупните трошоци што ги нуди Македонија за водење бизнис и вкупниот амбиент за водење бизнис е поатрактивен од други земји во регионот, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е дел од владината делегација.

Ставрески е уверен дека активностите на владиниот тим  ќе го зацврстат  стратешкото  партнерство меѓу САД и Македонија и извонредните односи на политички и на економски план.

- Тоа ќе овозможи во иднина да имаме посети од повеќе американски бизнисмени, како што претходно имавме случај со „Џонсон Контролс“ и со „Кемет електроникс“, и дека и други американски фирми ќе решат да отворат  бизнис и фабрики во Македонија  и работни места, она за што сме најмногу заинтересирани да се случи, рече Ставрески.

Како што е најавено, македонската владина делегација ќе посети и неколку други градови во САД за да ги претстави поволоности за инвестирање во Македонија, а треба да присуствува и на конвенцијата на Демократската партија.

Владиниот тим, пред САД, можностите за инвестирање во Македонија ги презентираше и пред канадски бизнисмени во Монтреал и во Торонто, каде имаше средба и со македонските иселеници.