Владата со пакет мерки за поддршка на металургијата

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија, разгледувајќи и усвојувајќи ја информацијата во однос на состојбите во металургијата, а по остварени средби и консултации со овој сектор, одлучи да преземе мини пакет на мерки кои значат поддршка на овој сектор. Мерките се однесуваат на определување на средства за поддршка на бизнис плановите, олеснување на определени процедури за субјектите кои функционираат во дејноста, реализација на дополнителни проекти кои се во врска со потребите на металурзите и почеток на процес на консултации и договарања околу можностите за намалување на определени трошоци на претпријатијата.

Прво, Владата зазема став дека 30 милиони евра од кредитната линија на Европската инвестициска банка да бидат приоритетно наменети за претпријатијата кои се дел од металуршката индустрија. За овој став е направена консултација и добиена поддршка и од Македонската банка за поддршка на развојот и комерцијалните банки кои се партнери во овој процес, што ја прави одлуката дополнително посилна, и таа ќе е од значење за металурзите, на кои останува обврската за подготовка на бизнис проекти кои треба да бидат финансирани, и за кои тие имаат капацитет.

Второ, Владата одлучи да се овозможи пролонгирање на рокот за добивање на интегрирана еколошка дозвола од страна на компаниите. Претходниот рок, од 1 април 2014 година, кој беше термин до кој по изготвувањето на оперативните планови, кои бараат ангажман на поголеми средства за компаниите, требаше да се добие дозволата, да биде продолжен со соодветна процедура. Компаниите ќе треба да поднесат поединечни барања до Министерството за животна средина, и да побараат пролонгирање на процедурата, и Владата тоа како можност ќе им го дозволи, но не подоцна од 2019 година. Со пролонгирањето нема да се создаде опасност од загадување на средината со нови емисии, а компаниите ќе заштедат средства кои се потребни за реализација на процесните дејства за оваа намена, и затоа апелираме да поднесат поединечни барања.

Трето, Владата ја задолжи Управата за имотно правни работи, во соработка со Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и Општина Гази Баба, итно да преземе мерки и да ги интензивираат активностите во насока на решавање на сопственоста на земјиштето на компаниите во кругот на поранешна Железарница – Скопје. Со ова постапката за уредување на состојбите за овие објекти ќе се реши еден предизвик кој оптоварува дел од компаниите од оваа област, и ќе им создаде дополнителни можности како резултат на располагањето со евидентиран имот.

Четврто, во поглед на експлоатацијата на енергенсите како инпут во производството, Владата, во соработка со МЕПСО и ЕЛЕМ, ќе започне процес на широки консултации и договарања со металуршките компании, а и со компании од други индустриски гранки, во однос на формирање на балансни групи со балансно одговорни страни, со цел повеќе учесници на пазарот по сопствено убедување да се здружат во балансни групи, за да се намалат трошоците од евентуалните отстапувања на часовно ниво. Со балансните групи ќе се постигне поголема дисциплина во планирањето на производството и потрошувачката на електричната енергија, и позитивно ќе се влијае врз доверливото, сигурното и економичното работење на електроенергетскиот систем на Република Македонија, што ќе придонесе и за поекономично работење на компаниите. Исто така, се задолжи Министерството за економија да направи анализа на потребата од формирање на берза за електрична енергија.

Петто, не толку директно поврзано со процесот на производство во металургијата, но сериозно значајно за дејноста, што се гледа и од барањата на металурзите во разговорите, е модернизирањето на железничката инфраструктура и возен парк. За оваа цел Владата одлучи во текот на следниот месец да отпочнат неколку проекти за реализација и на ваков вид на проекти, за кои дополнително ќе информираме по комплетирањето на постапките, што ќе биде фактор за значајна поддршка на сегментот транспорт во металургијата.

Со овие мерки, согласно ингеренциите и можностите очекуваме да се даде определена поддршка на металуршката индустрија, чија цел е обезбедување на функционирање на компаниите во овој период на европска криза, и недозволување на масовно отпуштање на работници, како што тоа се случува во европските земји. Владата и во идниот период ќе го продолжи дијалогот и конструктивната соработката со претставниците на оваа индустрија, во насока на разгледување на дополнителни решенија и можности кои значат нови мерки од интерес за дејноста.