Профункционира Советот за земјоделство и рурален развој

Почна со работа  Советот за земјоделство и рурален развој, новоформирано 19-члено тело со претставници од земјоделските здруженија, науката, преработувачкиот и винскиот сектор..,  кои  со државните институции  ќе ја креираат земјоделската политика.

На денешната конститутивна седница на Советот станало збор за националната програма  за финансиска поддршка и рурален развој од 2013 до 2017 година, што на негов предлог за две недели ќе биде во владина процедура. 

-  Тоа е сериозен документ што бара голема дискусија. Сега дискусијата за оваа програма ќе премине на потсекторските групи за да конечната верзија за две недели биде повторно на разгледување кај Советот и како предлог на Министерството и на Советот да се достави во владина процедура, изјави по состанокот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски. 

Според него, на состанокот на Советот биле отворени сите прашања што ги засегаат земјоделците, политиката за земјоделското земјиште, сертифицираниот семенски материјал, сточниот фонд, субвенциите во делот на овчарството, наводнувањето, работењето на  Агенцијата за поттикнување на земјоделскиот и рурален развој.

Претставниците на земјоделските здруженија, сојузи и асоцијации оценија дека Советот ретка е можност директно да учествуваат во креирањето на земјоделските политики со изнесување на проблемите и давање предлози за нивно решавање.

- Сметаме дека преку  Советот работите и животните проблеми на околу 200.000 земјоделски домаќинства во државата  ќе се решаваат побрзо и полесно затоа што ние како нивни претставници сите тие проблеми  во секое време ќе ги пренесуваме до ресорното Министерство и ќе бараме брзи решенија, рече Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Тој информира дека во име на Сојузот побарал да се утврди точниот број на  напуштените земјоделски површини, а наредната седница  Советот да ја посвети  на претстојната есенска седиба.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Саша Митрев изрази задоволство од вклучувањето на науката во креирањето на земјоделските програми. Научната фела, посочи, меѓу другото ќе  даде придонес преку формирање лаборатории кои ќе работат на квалитетот на земјоделското производство.

Активно учество во работата на Советот за земјоделство и рурален развој ќе има и Федерацијата на фармери.