Кинотеката на Македонија со многу проекти за зачувување на аудио визуелното културно наследство

Депоата во Кинотеката на Македонија се полни со материјали и во нив е пренесена целокупната македонска кинематографија, селектирана по најсовремени светски стандарди. Годинава ќе биде промовиран многу значаен проект - дигитална реставарација и дигитализација на целокупниот опус на македонскиот режисер Столе Попов. Кинотеката почна и со дигитална реставрација на богатиот филмски опус на браќата Манаки.

Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска по работната посета на Кинотеката на Македонија во рамки на која, таа меѓу другото се запозна и со останатите актуелни и идни проекти на оваа институција.

Таа рече дека депоата се еден проект многу значаен за Кинотеката и за државата, финансиран од Министерството и Владата. Оваа установа, посочи Канческа Милевска, доби нови депоа со најсоодветни услови за чување на целокупната македонска кинематографија со соодветни услови, влажност, температура итн.

- Импресионирана сум од грижливоста на вработените, од нивното знаење и посветеност за зачувување на ова аудио визуелно културно наследство. Ја видовме и дигиталната монтажна маса која е неопходна за складирање на целокупниот материјал. Разговаравме и за некои проекти околу видео записот кој треба да се набави со цел самиот проект да биде затворен за следната година, рече Канческа Милевска.

Таа укажа дека проектот за дигитална реставарација и дигитализација на целокупниот опус на македонскиот режисер Столе Попов е прв ваков проект. 

- Се очекува, проектот во октомври да биде промовиран. Тука се наоѓаат неговите играни и документарни филмови. Имаме еден многу значаен проект, а тоа е документарниот филм „Сведоци“. Во првиот дел на документарниот филм се снимени над 500 интервјуа на Македонци кои се протерани во Егејскиот дел на Македонија. Ќе имаме можност да се запознаеме со првиот дел на документарниот филм кој трае два часа, а ќе биде промовиран во македонската панорама на Фестивалот „Браќа Манаки“ на 16 септември, истакна Канческа Милевска.  

Во врска со проектот на Владата и на Министерството за реконструкција на Хавзи Пашините конаци, министерката посочи дека дека институцијата со стручните тимови работат на подготовката на тендерската документација за објавување на тендерот за изработка на главните проекти за овој многу значаен проект.

Министерката Канческа Милевска додаде дека во 2014 година ќе се одржи многу значајна меѓународна конференција на која ќе присуствуваат претседатели на архивите на кинематографиите од голем број држави.