Јанкулоска, Беџети и Волерс потпишаа писмо за спроведувањето на законите меѓу македонската и американската влада

Писмо за согласност за спроведување на законите меѓу македонската и американската влада, со кое се воспоставува и обезбедува поддршка во натамошно јакнење на владеењето на правото и зголемување на довербата на јавноста во институциите на правниот систем на Република Македонија денеска беше потпишано во Скопје.

Писмото го потпишаа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за правда Блерим Беџети и амбасадорт на САД во Македонија, Пол Волерс.

Овој документ, како што посочи министерката Јанкулоска, претставува нормативна рамка на еден обемен и многу потребен проект кој финансиски, институционално и стручно ќе биде поддржан од САД.

- Документот во себе обединува низа конкретни активности и задачи во повеќе сегменти од внатрешните работи и правосудството што треба да се реализираат во наредните две години во справувањето со организираниот криминал и корупцијата, додаде таа.

Помошта, како што посочи Јанкулоска, се однесува на проактивни пристапи во фазата на истрага и ефективно кривично гонење, лоцирање на одговорноста на сторителите и нивно казнување, како и унапредување на јавната безбедност и доброто владеење.

- Документот што денеска го потпишавме за македонската полиција ќе значи подобрување на професионалноста и отчетноста во работењето, а користа од тоа ќе ја ползуваат како институциите, така и општеството во целина, нагласи Јанкулоска.

Министерот за правда Беџети рече дека потпишувањето на ова писмо за согласност претставува продолжување на досегашната успешна соработка со САД.

- Посебно би го нагласил времето во кое го потпишуваме писмото за согласност имајќи го предвид интензитетот на активностите кои се реализираат за подготовка за примена на новиот Закон за кривична постапка, истакна Беџети.

Тој додаде дека ова посебно се однесува на обуките на судиите и јавните обвинители кои работат во кривичните судови.

Беџети потсети дека со поддршка на ОПДАТ досега се реализирани една пробна и 26 базични обуки. - Оваа година планирано е да се одржат уште осум базични обуки во кои ќе бидат обучени 64 судии, советници и стручни соработници кои работат на кривичната материја, додаде министерот за правда.

САД, како што посочи амбасадорот Волерс, силно ги поддржуваат напорите на Македонија за јакнење на владеењето на правото кои, како што рече, ќе ја придвижат Републиката кон стекнување на членство во НАТО и ЕУ, ќе го зголемат бројот на работните места и ќе привлечат повеќе странски инвестиции.

- Полицијата, обвинителите и судиите мора да се подготвени да остварат успех. Тие мора да ги совладаат новите вештини, да ги применуваат новите алатки и да стекнат нови знаења. Законодавецот и останатите избрани службени лица треба да бидат посветени во развојот на правната рамка за усогласување со европските стандарди и меѓународните најдобри практики за обезбедување еднаков пристап до транспарентна и навремена правда, рече Волерс.

Проектот покрај обуките, предвидува донација во опрема, техничка поддршка и стручна експериза за Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за правда, Јавното обвинителство, судството, особено за првостепените кривични судови.