Петровска и Битиќи го отворија НАТО Индустрискиот ден за поблиска соработка помеѓу компаниите и агенциите на НАТО за набавки и истражувачки проекти

Министерството за одбрана заедно со НАТО Агенцијата за поддршка и набавки и НАТО Агенцијата за комуникации и информации денеска во Скопје го организираат НАТО Индустрискиот ден на кој компаниите подетално можат да се запознаат со постапките и процедурите за настап на НАТО пазарот кој во моментов изнесува над 10 милијарди евра на годишно ниво.

На отворањето на НАТО Индустрискиот ден се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки Стејси Камингс и шефицата за набавки во Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон.

„Кога говориме за НАТО, мислиме на безбедност и стабилност, но подеднакво важна е и можноста македонските компании, рамноправно да се учествуваат со сите останати компании во земјите члени во нудењето на производи и услуги за потребите на Алијансата. Станува збор за значаен пазар од над 10 милијарди евра на годишно ниво кој не смееме да го пропуштиме. Мораме да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитет и со капацитети и да докажеме дека македонските компании технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји“, рече министерката.

Петровска подвлече дека сè поголем број компании во Северна Македонија изразуваат интерес да се впишат во регистарот на економски оператори и да добијат потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки.

„Наш заеднички предизвик е зголемено учество во НАТО пазарот. Свесни дека секој почеток е тежок, Министерството за одбрана е партнер кој е подготвен да им помогне на компаниите, пристапот до овој пазар да биде поедноставен, но и поефикасен и поуспешен“, рече Петровска. Додаде дека наскоро ќе биде испратен претставник од нашата земја во Агенцијата за поддршка и набавки со што дополнително ќе се олесни пристапот на македонските компании на НАТО пазарот.

Министерката информираше дека секоја година расте бројот на компании кои преку Министерството за одбрана се впишуваат во регистарот на компании кои можат да се пријават на тендерите на НАТО. Ако во 2021-та година тој број бил осум, во 2023-та дваесет и една, а до денеска вкупно 44 компании ја имаат таа можност.

Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање порача дека НАТО е многу повеќе од политички и безбедносен сојуз, тој во себе содржи и економска мрежа од можности чие искористување во најголем степен зависи од нас. 

„Пред домашните компании се отвори простор  да учествуваат во тендерски постапки на овој пазар. Тоа е шанса да пристапат и да бидат дел од поширока мрежа на економска соработка и трговски партнерства. Ова ќе ги засили нивните капацитети за иновации, квалитет и ефикасност, ќе ја подигне нивното ниво на конкурентност и за 500 милионскиот европскиот пазар“, рече вицепремиерот.

Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до министерката Петровска која, рече, успешно ги развива партнерските односи со НАТО и отвора нови корисни перспективи за нашата држава. Со раководењето на овие процеси, министерката Петровска успеа политичките и безбедносните бенефиции да ги прелее во економијата, рече вицепремиерот.

Генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс се заблагодари за организацијата на НАТО Индустрискиот ден кој, рече, отвора можности да се зборува за можностите кои ги нуди Агенцијата, но и индустријата во Северна Македонија.

„Веќе имаме примери на учество на дел од компаниите од вашата земја кои што успешно учествуваа на тендерски постапки, исклучиво договори, меѓутоа денеска имаме една подлабока можност да зборуваме за механизмите, политиките, процесите и начинот на којшто голем број на компании од вашата земја може да учествуваат на тендерите, односно да бидат конкурентни со другите компании од другите земји членки на НАТО“, рече Камингс.

Шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон рече дека НАТО планира раст од 61% на глобалниот заеднички финансиран буџет и програми со индикативни бројки кои предвидуваат импресивно зголемување од 227% до 2030 година.

„Ова е значителен раст за да ја задоволиме оваа растечка побарувачка, ја препознаваме потребата од искористување на можностите на индустријата и олеснување на обезбедувањето на резултати со потребната брзина. Со голем ентузијазам стојам пред вас денес со намера да ги инспирирам вашите индустрии, непрофитни организации да ги истражат безбројните можности што ги нуди НАТО за нивната вредна работа и експертиза“, рече Аптон.

Со цел поддршка на компаниите во процесот на добивање на потребните сертификати за учество на тендерите на НАТО пазарот, Министерството за одбрана креираше Центар за поддршка на компаниите. Преку овој Центар се врши упис на економски оператори и се добива потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки.

На НАТО Индустрискиот ден учествуваат компании од прехранбената, фармацевтската, енергетската индустрија, ИТ секторот и други.