Џафери - Џоана: Северна Македонија е фактор на стабилност во регионот, Алијансата е проширена, пообединета и посилна од било кога

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери и  заменик- генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, во рамки на работната посета на седиштето на НАТО во Брисел, одржаа заедничка средба. На средбата беше потенцирана улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот.

На средбата се разговараше за безбедноста и стабилноста на регионот, но и за глобалната безбедност и актуелни случувања во Украина и на Блискиот Исток. Премиерот Џафери ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон одржувањето на стабилноста и безбедноста во Евро-Атлантската област, како една од поновите членки, не само како влијателен фактор на стабилност на Западен Балкан, туку и со активното учество во мисиите на НАТО во Косово, Ирак, ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија. 

Во склад со заложбата за инвестиции во одбраната и согласно одлуката од НАТО од Самитот во Вилнус, Република Северна Македонија од оваа година издвојува најмалку 2% од БДП  за буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата. Со тоа Северна Македонија е помеѓу НАТО членките кои ја достигнаа заложбата, што е основа за ефективна имплементација на најробусниот план за одбрана на НАТО. Дополнително, Северна Македонија продолжува со силна поддршка за Украина во нејзината борба за слобода и мир на украинскиот народ, а против ужасите кои руската воена агресија се уште ги предизвикува на територијата во Украина.

На средбата се разговараше и за претстојната 75 годишнина од Алијансата. Во годината која донесе најголем предизвик за Алијансата од нејзиното основање, НАТО се прошири со уште една членка - Финска, а наскоро со уште една членка - Шведска, правејќи ја Алијансата пообединета и посилна од кога било. 

Имајќи ги предвид претстојните избори на кои одлучуваат над 2 милијарди граѓани ширум светот, вклучително и во Северна Македонија, на средбата се разговараше и за предизвиците кои претстојат во изборниот период заради кои фокусот се става на јакнење во справувањето со хибридните закани, дезинформациите и сајбер одбраната.